Бугарите меѓу Repetitio est mater studiorum и ревизија на историјата

Пред некој ден добив информација дека денеска Институтот за историски проучувања при Бугарската академија на науките (БАН) организира национална тркалезна маса на темата „Имало ли фашистички режим или фашистичка управа во Бугарија?“ и дека главните прашања што ќе се дискутираат ќе бидат:
1. „Какви се основните карактеристики на фашистичкиот тоталитарен режим?
2. Какви се карактеристиките на политичката управа воспоставена во Бугарија по 19 мај 1934 година?
3. Како еволуира политичкиот режим во Бугарија, особено во периодот 1941 – 1944 година?“
На бугарските колеги им посакувам успех во нивната работа со надеж дека ќе соберат храброст самокритички да се осврнат на сопствената историја и да ја изнесат целата вистина за тоа каде се движеше бугарското општество во периодот меѓу двете светски војни.

Пред некој ден добив информација дека денеска, Институтот за историски проучувања при Бугарската академија на науките (БАН) организира национална тркалезна маса на темата „Имало ли фашистички режим или фашистичка управа во Бугарија?“ и дека главните прашања што ќе се дискутираат ќе бидат:
1. „Какви се основните карактеристики на фашистичкиот тоталитарен режим?
2. Какви се карактеристиките на политичката управа воспоставена во Бугарија по 19 мај 1934 година?
3. Како еволуира политичкиот режим во Бугарија, особено во периодот 1941 – 1944 година?“
На бугарските колеги им посакувам успех во нивната работа со надеж дека ќе соберат храброст самокритички да се осврнат на сопствената историја и да ја изнесат целата вистина за тоа каде се движеше бугарското општество во периодот меѓу двете светски војни.
Интересно е што ова не е првпат во бугарскиот научен дискурс да се зборува за фашизмот. Во 2016 година беше објавен зборникот „Неофашизам: суштината и современите манифестации“, чии автори се осврнуваат на фашизмот и неофашизмот во Бугарија од сите аспекти до денес. Но по сѐ изгледа дека тоа не било доволно и јасно во текстовите објавени во тој зборник, па ајде сега повторно ќе се прави осврт за улогата на Бугарија во тој период. Треба да го дочекаме крајот на тркалезната маса за да видиме дали нејзината цел е врз база на „новооткриени документи“ и „толкувања“ бугарските научни работници да му дадат нов наратив и дали ќе го рехабилитираат бугарскиот нацифашизам од 1934 година до 1944 година.
За што, всушност, ќе расправаат бугарските научни работници на тркалезната маса во БАН!? Ќе ја ревидираат историјата во однос на нацифашизмот во Бугарија како што го правеле многупати во историјата!? Ќе им креираат нова колективна меморија на своите сограѓани за тоа дали Бугарија била нацифашистичка држава или не!? Ќе ги заборават холокаустот и екстреминацијата на 98 отсто од Евреите во Македонија?! Дека биле антифашисти, а не нацифашисти!? Ќе ги негираат убиствата и теророт во Македонија во текот на Втората светска војна!?

Несомнено, темата на националната тркалезна маса е многу интересна, пред сѐ, и од фактот што и ние сме засегнати преку Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија. Посебно треба да бидат заинтересирани копретседателот и членовите на Комисијата за образовни и историски прашања. Веројатно драгоцена би им била и помошта од поранешниот премиер Зоран Заев. Тој и копретседателот со своите претходно искажани настапи и ставови се имаат изјаснето дека Бугарија не е фашистичка држава. А којзнае, може да се и поканети?! Во рехабилитацијата на бугарскиот нацифашизам како да сме малку понапред од бугарските колеги.
Уште на 25 ноември 2020 година З.З. излезе со став дека „Бугарија не е фашистичка земја. Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат оваа реалност и тоа мора да нѐ обедини… Во тоа време, на почетокот, имаше администрација. Потоа Бугарија се приклучи кон антифашистичкиот фронт“. Само неколку дена потоа кон ова се приклучи и копретседателот на Комисијата за историски и образовни прашања, академик Драги Ѓорѓиев, кој излезе со став дека „мисли дека Бугарија не била фашистичка држава“. Но на 6 февруари 2022 година во интервју за радио Слободна Европа, не само што мисли туку и категорички тврди дека „Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка и профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка држава во тоа време“.
Сигурно дека оваа констатација и тоа како ѝ оди во прилог на Бугарија, уште повеќе што е изјавена од две не случајни личности, туку од тогашен премиер и академик, актуелен копретседател на комисијата. Овие нивни изјави ми личат на поговорката „брзата кучка слепи кучиња раѓа“. Бугарите, денес повторно ќе расправаат дали Бугарија била фашистичка држава или не, а во Македонија премиерот како претставник на државниот врв и претставникот на академијата, Горѓиев, веќе го имаат решено тоа прашање. Според она што го имаат кажано, нивното присуство таму е неопходно потребно бидејќи ќе ги просветлат Бугарите и ќе им кажат и потврдат дека Бугарија:

а) не била нацифашистичка држава;
б) не била окупатор;
в) дека ја администрирала Македонија;
г) дека сме еден ист народ;
д) дека јазикот ни е јазична норма на бугарскиот;
ѓ) дека ја ослободиле Македонија.
Со тоа, секако, многу би придонеле во донесувањето заклучок на националната тркалезна маса на БАН дека Бугарија неоправдано се третира како нацифашистичка држава и дека во Македонија за време на Втората светска војна се водела граѓанска војна и сѐ било во најдобар ред.
Секако дека за поздравување се научните работници од Бугарија што не бегаат од фактите и имаат сила да се лустрираат за она што го направиле нивните предци и не бегаат од судот на историјата. Тоа најдобро го покажува доц. д-р Минчо Најденов, кој во својата статија „Неофашизмот денеска и борбата против него“ ќе истакне:
„Во Бугарија, фашистичката диктатура е воспоставена на 9 јуни 1923 година, кога политичката група Народен сговор со крвав пуч ја собори легитимната влада на Бугарскиот земјоделски сојуз (БЗНС). Бугарскиот фашизам е антидемократски, антисоцијален, со јасни форми на насилство врз општеството. Тие беа особено видливи во бруталното задушување на Септемвриското востание во 1923 година и во априлските настани од 1925 година, кога беа убиени илјадници работници, селани, левичарски интелектуалци, писатели, новинари и прогресивни граѓани. Во суштина, во 1923 година кај нас започна необјавена граѓанска војна, која траеше до 9 септември 1944 година.
Фашизмот во Бугарија покажува најцелосен и најбрутален ѕверски мизантропски облик во периодот 1941-1944 година, кога на целата територија на земјата избувна моќна антифашистичка борба. За разлика од Југославија, Грција и Албанија, каде што државниот и полицискиот апарат беше тотално поразен, бугарската антифашистичка борба дејствуваше под целосно зачувани државни структури, војска и полиција. Уште повеќе фашистичката влада донесе Закон за заштита на државата и беа формирани жандармерија и специјални ловни единици, кои заедно со војската и полицијата ги гонеа и убиваа антифашистите. Во различни битки загинале 9.140 герилци и борбени групи, 31.250 бугарски државјани биле приведени во затвори и концентрациони логори, а полицијата запалила 2.139 куќи на антифашисти“.

И уште нешто, на 18 ноември 1944 година, министерот за народна просвета на Бугарија, Чолаков, ги наоѓа „за виновни во смисла на Законот за прочистување, затоа што биле предводници на фашистичката идеологија и ја заслужуваат казната пензионирање…“ 45 професори од универзитетот.
А Цола Драгојчева ќе истакне „Универзитетот беше расадник на реакционерни фашистички и великобугарски идеи. Тешко можеше на Универзитетот да влезе прогресивен професор… Како втора основна задача… било прочистување на универзитетските дисциплини од сите фашистички, великобугарски, схоластички и секакви ненаучни елементи“.
Од крајот на декември 1944 до април 1945 година, Народниот суд во Бугарија имал „68 состави – четири врховни и 64 обласни. Формира 135 процеси со 11.122 обвинети. Од нив на смрт се осудени 2.730 души (вклучувајќи тројца регенти, 22 министри, осум царски советници, 67 пратеници, 47 генерали и полковници итн.“ Сите биле осудени како фашисти или соработници на фашистите.

А ШТО ТОА БЕШЕ ТЕМАТА НА НАЦИОНАЛНАТА ТРКАЛЕЗНА МАСА?!

Неонацистички марш кој секоја година во февруари се одржува во Софија во чест на генералот Христо Луков, истакнат соработник на нацистите