Пораки за меѓусебно почитување, солидарност и чување на татковината упатија највисоките политички претставници во земјава по повод големиот христијански празник Божиќ.
Претседателот Стево Пендаровски во божиќната честитка повика на поголема солидарност, почит и грижа за татковината.
– Светлината на Божиќ нека се всели во нашите домови и нека донесе просперитет во нашите семејства, во нашите соседства, во пошироката заедница, во целото општество. Да си даруваме почит и внимание, да бидеме грижливи и солидарни и да си ја чуваме татковината – порача претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање истакна дека само со добрина во нашите срца и желба за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени.
– Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Да му се радуваме на денешниот ден, да ја славиме веста за Христовото раѓање, со љубов и топлина во нашите срца. Со добра мисла и добри дела можеме да одиме напред и да создаваме подобро утре за сите нас. Нека денешниот ден, Божиќ, симболот на радоста, надежта, сплотеноста и заедништвото, биде наша водилка во годината што почнува – нагласи Ковачевски во честитката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и до сите православни верници.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во честитката по повод Божиќ порача граѓаните да ги водат позитивни мисли и празничната атмосфера да биде повод да правиме добри дела, заедно и индивидуално.
– Секој гест, колку и да е мал и безначаен, е капка во бранот што нè води напред нас и Република С. Македонија. Само заедно сме силни, само со подадена рака сме значаен фактор и пример за регионот. Да рефлектираме надеж, за да имаме надеж во мир, напредок и благосостојба за сите во иднина – додаде Џафери во честитката.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод Божиќ упати порака за сплотеност и заедничко дејствување за благосостојба, напредок и подобро општество.
– Заеднички да дејствуваме да се измени тешката реалност и да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност. Потребна ни е нова и подобра реалност. Потребни ни се надеж и заедништво како никогаш досега за да успееме да се избориме за подобра иднина. Македонија во која сите заедно ја живееме сегашната реалност и ја споделуваме маката мора да стане држава на среќни граѓани, држава на граѓани што ќе имаат квалитетен живот и достоинство. Да си подадеме рака едни на други и со верба да работиме на нашата заедничка и подобра иднина, а поразите и неуспесите да останат зад нас – истакна Мицкоски.