Соседите на Србија го затворија небото за рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на тој начин затворајќи уште еден канал на комуникација, кажа портпаролката на руското МНР Марија Захарова во изјава за италијанската телевизија „Ла7“, истакнувајќи дека Москва не е таа што прави нова „железна завеса“, туку оти Европа ја оградува Русија.
– Руската делегација требаше да стигне во Белград поради разговори. Земјите-членки на ЕУ и на НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација. Од наша страна, во крајна мера нема да има „железна завеса“, не морате да се грижите. ЕУ е таа што со завеса ја оградува Русија. Вашите грешки се што сте премногу егоистични. Немате морално право да учите некого – порача Захарова по откажаната посета на Лавров.
Информацијата за откажаната посета на Лавров поради затворањето на воздушниот простор за неговиот авион од страна на соседите на Србија, синоќа ја објави „Ројтерс“ повикувајќи се на руски „Интерфакс“, чиј извор во руското МНР наведува оти Бугарија, Македонија и Црна Гора не дозволиле прелет на авионот на Лавров.
Руските амбасадори во Црна Гора и во Бугарија потврдија дека овие две држави забраниле прелет на авионот на Лавров, како што пренесува белградска „Политика“, додавајќи оти тоа го сторила и Македонија иако засега нема потврда.
Дел од српските медиуми сметаат дека откажувањето на посетата на Лавров на Белград е прилика за српскиот претседател Александар Вучиќ да здивне поради притисокот со кој се соочува од Западот поради односите со Русија. Вечерва е предвидено обраќање на српскиот претседател по повод откажаната посета на Лавров.