Редица политички скандали изминатиов период го тресат врвот на ДУИ, за кои јавноста чека институционална и правна разврска. Почнувајќи од пцости и навреди, контроверзни антидржавни изјави на министри, јавно изнесени индиции за незаконско копање криптовалути, па сѐ до затворање на вратите на Собранието итн. Но освен празна политичка реторика, засега нема ништо конкретно за нивна разврска, што ја наметнува и дилемата дали можеби некои политичари и функционери се над правдата и законите
СЕРИЈА ПОСТАПКИ НА ИНТЕГРАТИВЦИТЕ ЈА БРАНУВААТ ЈАВНОСТА
Функционери на ДУИ изминатите денови се постојано на удар на јавноста поради редица нивни постапки. Веќе неколку дена опозицијата бара претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, да понесе морална одговорност за навредите што ги упати кон вработените во собраниското обезбедување, за што беше објавена и аудиоснимка. Дополнително чашата ја прели и најновиот скандал со заклучување на собраниските врати, за што исто така опозицијата бара одговорност од Џафери.
Претходно големи реакции предизвика и министерот за економија Крешник Бектеши, со изјавата дека не е „македонски министер“. На адреса на функционерите на ДУИ пристигна уште една индиција од лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, кој во гостување на ТВ 21 рече дека се копаат криптовалути во училишта чии директори се поставени од ДУИ!
– Имам информации дека во училишта што се раководени од ДУИ се копаат криптовалути, каде е полицијата и што преземаат институциите? – праша Села.
Ова не е првпат, од различни извори и личности да се посочува за можни незаконски дејства на функционери на ДУИ. Лидерот на Алијансата, Села, вели дека „за дваесет години нема ниту еден обвинет или осуден функционер на ДУИ“, алудирајќи на тоа дека „интегративците“ уживаат посебен статус, кога станува збор за соочување со правдата.
Искажаните критики од страна на албанските партии кон начинот на владеење на ДУИ треба да се сфатат и како дел од партиската борба за придобивање на довербата кај гласачите. И партиите од македонскиот блок упатуваа критики на однесувањето на функционери од ДУИ, во начинот на практикувањето на власта, но тоа беше правено главно во предизборни периоди, повеќе за да манифестираат некаква посветеност во функционирање на правната држава, која набргу им спласнуваше по поделбата на централната власт, сметаат политичките експерти. Но последната серија скандали што доаѓаат од таборот на ДУИ навистина ја наметнува дилемата дали е време некој да преземе некаква одговорност или барем да демонстрира поголема демократија наместо примитивизам и политичко самоволие.
– Во Македонија не постои правдата. Сите зборуваат за владеењето на правото, а во суштина ништо не се случува. Нашите политичари, од македонските и албанските партии, се раководат исклучиво од сопствените интереси. Затворени се во сопствените рамки и не ги интересира применувањето на правото. Затоа се остава впечаток дека ДУИ се наоѓа во некоја привилегирана позиција. Не очекувам дека ќе има и некаква морална одговорност за нивните кадри. Погледнете го случајот со пожарот со ковид-болницата во Тетово. Сѐ уште нема процесиран предмет за одговорните за трагедијата. Сѐ се сведува на отворен пазар меѓу политичките субјекти, а владеењето на правото е оставено настрана. Тоа го покажуваат и анкетите за тоа дека осум отсто од граѓаните веруваат во постоењето правна држава. Според моето мислење, тој процент е далеку помал и се сведува на статистичка грешка од еден-два отсто. Не верувам дека работите ќе можат да се сменат и со досегашното дејствување на Јавното обвинителство, така што и натаму ќе има некои што се во привилегирана позиција пред правниот систем – ни изјави Синиша Пекевски, политички аналитичар.
Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, за случајот со копање криптовалути во училиштата, кои се раководени од кадри на ДУИ, рече дека „кога ќе има повеќе и конкретни информации и имиња, ќе излезе со повеќе детали“. „Нова Македонија“ достави и прашања до Министерството за образование на Македонија во однос на ваквите изјави на Села, но и по неколку дена сѐ уште ги чекаме одговорите на нашите прашања. Неизвесно е дали по изнесени сознанија за „рударење“ на електронски пари ќе реагираат и од Јавното обвинителство. Во претходните случаи за изнесени сомневања за извршени незаконски дејства од јавни функционери од Јавното обвинителство ни беше соопштено дека оваа институција „активно постапува по сите поднесени кривични пријави и примени иницијативи, како од страна на други надлежни државни институции така и од физички лица“. Притоа од обвинителството нагласуваат дека сите постапки ги води законито и со почитување на основните начела на тајност на постапката и пресумција на невиност, па од тие причини во јавноста не го коментира текот на постапките пред да биде донесена соодветна одлука.
Во врска со критиките на граѓаните и затоа дека македонската јавност нема доверба во правосудниот апарат, а политичарите се пазарат со почитувањето на правдата, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека за секој политичар од која било партија за кои се добиени докази, била поведена и постапка.
– Ние сме дел од ова општество. Колку подобро функционира општеството подобро функционираме и ние. Проблем е собирањето докази. Ако се соберат докази, за нас нема недопирливи. Народот се жали на корупција, која реално ја имаме, но никој или многу малку се одважуваат да пријават и да достават барем некој доказ. Не може сѐ да се остави на обвинителство и МВР. Сепак и граѓаните треба да дадат свој придонес во таа борба со корупцијата – изјави Русковска за медиумите.
Пратеникот Панчо Минов од опозицијата беше повикан да свика седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања како нејзин претседател за да му се изрече јавна опомена на собранискиот спикер Талат Џафери, поради, наводно, изречените пцости кон вработени во законодавниот дом. Во одговорот Минов рече дека „таквото барање треба да се достави во писмена форма и да обезбедат докази дека е направен прекршок на Етичкиот кодекс“. Комисијата, во зависност од тежината на прекршокот, освен јавна опомена може да донесе одлука и за суспензија на пратеник во траење од еден месец или забрана да претседава со работните тела на Собранието во траење до еден месец. И оваа, како и последната постапка со заклучување на вратите на Собранието чекаат некаква институционална разврска.
Бура реакции за катанецот на Талат
Бура политички реакции предизвика последниот скандал во Собранието со заклучувањето на вратите, како што тврди опозицијата, и оневозможување на слободата на движење на пратениците. Од најголемата опозициска партија бараат морална, но и кривична одговорност за овој настан од претседателот на Собранието, Талат Џафери. Во однос на настанот вчера се огласија и службите на парламентот од каде што велат дека Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници.
– Поточно, членот 97 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците, вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сѐ додека трае поименичното изјаснување – се вели во одговорот на Собранието.
За настанот вчера се произнесе и премиерот Ковачевски, кој истакна дека тој не е ничиј портпарол и прашањето околу настанот треба да му се упати на претседателот на Собранието. Претседателот на Владата, Ковачевски, уште нагласи и дека пристојноста во однесувањето нему му значи и тоа, рече, зависи лично од секој човек на кој начин комуницира и е предмет на етичките стандарди кон кои се придржува.