Фото: Игор Бансколиев/ Илустрација

Собранието уште во 2018 година донесе Кодекс за етичко однесување на пратениците, но наместо нивното однесување да се унапреди, тоа уште повеќе се уназадува и секоја седница е буквално на работ на физички инцидент. Ако на ова се придодадат и серијата последни инциденти и скандали, тогаш состојбите се навистина сериозни. Повеќето истражувања во државава поврзани со работата на Собранието покажуваат дека од година на година нивото на квалитетни дебати опаѓа, бројот на одржани седници е сè помал, а опаѓа и бројот на донесени закони. Кој е излезот од ваквите состојби?

Собранието се поднови со опрема, но пратеничките навики останаа стари

Пратениците во македонското собрание добија нова опрема за работа во собраниската сала, со цел да се зголеми ефикасноста во нивното работење, но се чини дека колку што опремата е пософистицирана, толку однесувањето на пратениците станува сѐ подемоде, старомодно, застарено, на моменти и вулгарно и примитивно и во целина работата на Собранието станува сѐ понеефикасна.
Повеќето истражувања во државава поврзани со работата на Собранието покажуваат дека од година на година нивото на квалитетни дебати опаѓа, бројот на одржани седници е сè помал, а опаѓа и бројот на донесени закони. Во меѓувреме се множат серијата скандали и примери на несоодветно однесување, навреди, блокади, па дури и пцости во највисокиот претставнички дом.
Сето ова говори дека ниту една опрема нема да биде доволна ако не се направи квалитативна промена во однесувањето на пратениците, кои треба конечно да сфатат дека се избрани да работат во полза на народот, а не за интересите на сопствените партии.

Модерното наспроти ретроградните навики

Несомнено новоопремената собраниска сала ќе придонесе за поефикасно и побрзо работење на пратениците, кои сега ќе можат преку компјутеризиран и дигитален принцип на функционирање да ја подобрат својата работа.
Имено, повеќе нема да има потреба од купиштата хартија на кои беа печатени предлог-законите, лесно ќе се гледа редоследот на говорниците, видеопреносот ќе биде унапреден, а исто достапна ќе им биде и видеоархива со пребарување. Покрај тоа, пратениците ќе може да следат и за која точка на дневен ред се гласа и да имаат увид за што сè се гласало, за да не доаѓа до забуни меѓу нив за што воопшто се гласа.
Сето ова е голем чекор напред во олеснувањето на работата на пратениците, но модерната технологија во никој случај не може да го замени менталниот склоп по кој тие функционираат со години.
Најновиот инцидент со заклучувањето на пратениците, претходно со пцостите и нискиот вокабулар, но и опструкциите, блокадите и тензичните седници, само покажуваат дека нивото на политичка култура е далеку од секакво европско однесување.
Никој не понесува одговорност за несоодветното однесување, туку напротив, реториката уште повеќе се разжестува, а дебатата се сведува на ниво на улица.
Собранието уште во 2018 година донесе Кодекс за етичко однесување на пратениците, но наместо нивното однесување да се унапреди, тоа уште повеќе се уназадува и секоја седница е буквално на работ на физички инцидент.
Македонските пратеници во неколку наврати присуствуваа на обуки организирани од европските институции, со цел да научат нешто од парламентарните искуства на земјите што имаат долгогодишна парламентарна традиција, а неретки беа и посетите на европските парламенти, кои очигледно за овдешните народни избраници повеќе беа добра можност да се направи екскурзија со народни пари отколку да се научи нешто од европските парламентарци.
Затоа и јавноста си го поставува прашањето на што се потрошија толку пари за разни обуки и проекти кога резултатите од нивната работа се поразителни.

Деструктивност наместо продуктивност

Главна цел на инсталирањето на новата опрема е зголемување на ефикасноста и продуктивноста во работењето на Собранието. Пратениците досега постојано се жалеа дека не ги добиле материјалите навреме за да ги проучат, потоа дека не биле преведени, дека не се запознаени со дневниот ред, со редоследот на говорници и слично, наоѓајќи илјадници изговори за да го оправдаат сопственото неработење.
Недостигот од современа технологија во Собранието најдобро се покажа за време на пандемијата, кога пратениците едноставно не работеа, оставајќи ги граѓаните буквално сами во време на криза. Потоа доаѓаа во скафандери на седниците, па немаше кворум поради заболени пратеници, едноставно кажано Собранието работеше неефикасно и беше непродуктивно во поглед на носење закони повеќе од година и половина.
Последните месеци интензитетот на пандемијата е опаднат, но бројот на седници и натаму може да се изброи на прсти. Опозицијата најави и го реализира бојкотот во работата на Собранието, позицијата тешко обезбедува кворум за работа, така што граѓаните наместо ефикасна државна институција што ќе се грижи за нивните интереси, добива политички театар во кој секој закон е предмет на уцени, пазарења и кавги, а седниците се претворени во дебатен клуб за тоа дали има или нема кворум.
Истовремено, додека ефикасноста и продуктивноста се на најниско ниво, пратениците редовно ги земаат платите и дневниците и околу тоа немаат никакви поделби и несогласувања, односно најголема ефикасност покажуваат кога треба да си ги подигнат платата и разните други додатоци и патни трошоци на почетокот на месецот.
Ако граѓаните за свои пари не добиваат ништо од народните избраници, тогаш логично е да се постави прашањето зошто во оваа ера на модерни технологии воопшто и ни се потребни 120 пратеници, кои буквално го цицаат државниот буџет, а со ништо не придонесуваат во неговото полнење. Тогаш подобро би било да се разработи соодветен изборен модел преку кој ќе се избираат помал број пратеници, кои на вистински начин ќе можат да ги искористат предностите на новата технологија и ќе придонесат за поефикасно и попродуктивно работење на Собранието. Тоа би значело и намалување на тромата собраниска администрација, но и воопшто на сета државна администрација, која е огромен товар за државниот буџет.

Махери во упропастување на добрите практики од Западот

Познавачите на состојбите се категорични во тврдењето дека ниту една нова опрема нема да придонесе за подобро и поефикасно работење на македонското собрание, бидејќи менталниот склоп на пратениците не е во корелација со технологијата, туку во насока како таа да се заобиколи и изигра.
– Без оглед каква опрема е инсталирана во Собранието, ништо нема да се смени на подобро. Од една страна зборуваме за модернизација, од друга страна таа не ни одговара. Само ќе се фалиме кај странците дека сме се модернизирале, а ќе си работиме како што ни одговара. Сакаме да ги пресликаме состојбите од Естонија каде што нема хартија во работата на тамошниот парламент, но нема ништо од тоа сè додека има партизирана администрација, сè додека се партизирани и администрацијата и стручните служби во Собранието, едноставно нема шанси да се искористи таа опрема на начин тоа да донесе некакви бенефиции за граѓаните и да ја зголеми ефикасноста во работата на пратениците. Ќе си останеме повторно темната дупка на Балканот – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, попусто странците потрошиле толку пари за обуки на македонските пратеници кога резултатите никаде ги нема, туку состојбите стануваат уште полоши.
– Попусто странците даваа толку пари, се носеа кодекси за етичко однесување и повторно нема резултат. Колку повеќе пратениците заседаваат, колку повеќе ги носеа на обуки во Маврово, толку повеќе се бирократизира и уназадува работата на Собранието. Ние сме махери некои добри практики од Запад да ги приспособиме на некои наши балкански манири и од тоа да не испадне ништо. Нема политичка волја за ништо, ако имаше таква волја и од страна на позицијата и на опозицијата можеше да има реформи, но тоа не се случи – истакна Давитковски.
Тој смета дека новоинсталираната опрема во Собранието ќе биде само обичен технички декор.
– Оваа технологија во Собранието ќе биде само декор. Имавме и едношалтерски систем, но ништо од тоа не профункционира. Во Собранието има огромна администрација, но таа и натаму ќе си остане, тоа е нашата македонска реалност – заклучува професорот Давитковски.