Има една изрека што вели дека волкот го менува влакното, но не и наравот. Што се крие зад најновата промена на дресот на ДУИ и како политиколозите и аналитичарите гледаат на тоа? Дали зад ова ребрендирање се крие мудра стратегија за едноставно бришење на сета негативна заднина на оваа партија изминативе две децении?

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ЗАЗЕЛЕНУВАЊЕТО НА ДУИ

Објавата на ДУИ дека во иднина ќе дејствуваат како зелена партија и натаму ја бранува македонската јавност, која се обидува да го дешифрира потегот на интегративците, кои 20 години важеа за бастион на албанските етнички заложби, разни платформи и програми со длабок етнички предзнак, а сега одеднаш прекуноќ соопштуваат дека ја исцрпиле етничката агенда и дека во иднина ќе се посветат на заштитата на животната средина. Историјатот и генезата на оваа партија и нејзиното раководство се контроверзни и исполнети со мноштво нејаснотии и нерасчистени околности.
ДУИ произлезе како политичко крило на поранешната ОНА, чии припадници од судот во Хаг беа обвинети за воени злосторства во Македонија. Членовите и раководството на ДУИ, од другите албански партии, беа посочувани и напаѓани како луѓе со окрвавени рацете што не ѝ донеле ништо добро на државата, а истите тие беа предмет и на контроверзна амнестија.
Командантите на ДУИ откако ја соблекоа униформата облекоа скапи костуми и ја запоседнаа власта две децении речиси без прекин. Еден краток период кога не беа дел од власта креираа криза во државата, по што повторно станаа дел од владејачката коалиција и на власт се до ден-денеска.
Последните години се засили притисокот врз ДУИ поради многубројните афери и неможноста да се испорачаат резултати кон граѓани, а кулминација беше повикувањето на партискиот лидер Али Ахмети во Хаг во врска со случаи на воени злосторства. Истиот суд во Хаг ѝ ги врати на Македонија и четирите случаи за сторени дела злосторство врз човештвото, во кои се споменува и раководството на ОНА, случаи што нашиот судски систем никогаш досега не ги отвори ниту процесира.

Во едни вакви околности со тежок баласт врз себе и речиси никакви резултати, ДУИ решава одново да се преслече во ново руво. Има една изрека што вели дека волкот го менува влакното, но не и наравот. Што се крие зад најновата промена на дресот на ДУИ и како политиколозите и аналитичарите гледаат на тоа?
Тие сметаат дека зад ова ребрендирање се крие мудра стратегија за едноставно бришење на сета негативна заднина на оваа партија изминативе две децении и нов зелен почеток, кој ќе им овозможи без никаков товар и ослободени од националистичката агенда повторно да останат клучот за формирање на секоја идна влада.
Несомнено според онаа стара поговорка дека волкот влакното го менува, но наравот не, не се исклучува ДУИ да го затскрие национализмот зад зелената агенда. Имено, над 95 отсто од членовите на партијата се Албанци, кои по малку е несфатливо дека сега целосно ќе се ориентираат кон садење дрвја, заштита на реки и езера, чист воздух…
Дотолку повеќе што оваа партија неколку години раководеше токму со ресорот екологија и не покажа никакви резултати, туку напротив, нивни кадри и градоначалници активно учествуваа во девастирање на животната средина низ целата земја, градење дивоградби во заштитени зони и еколошки подрачја итн.
Трансформацијата на ДУИ е добро темпирана и доаѓа во момент кога сè погласни се барањата да се прекине со концептот Владата да ја формираат победничкиот блок од македонскиот блок со победничкиот од албанскиот, како и да се престане со вработувањата по етнички клуч за да се овозможи поголема демократија и квалитет на администрацијата. Во вакви околности со зелената трансформација, интегративците се надеваат дека повторно би можеле да влезат во Владата под превезот на зелената идеја.

Јавноста со право си го поставува прашањето што се крие зад ваквиот потег, односно дали е тоа рецептот повторно да седнат во секоја идна влада, или, пак, станува збор за еден вид скриена обланда за некакви нови етнички и националистички идеи.
– Тоа што ДУИ се ребрендира во зелена партија не значи дека партијата сама по себе ќе се откаже од некои националистички елементи, туку ќе продолжи да ги практикува во рамките на програмското дејствување. Зелената агенда само ќе ја доградат во програмата со што ќе бидат помодерно организирани и подобро прифатени во европскиот јавен политички простор – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, потегот на ДУИ е позајмена формула од она што своевремено се случуваше во Германија, кога Јошка Фишер беше тегот на вагата што натежнуваше кон едни или кон други.
– ДУИ и досега ја имаше таа улога на тој што во краен случај го определува победникот на изборите во Македонија, а сега ова е официјализирано. Втора работа, стратезите на ДУИ процениле дека ребрендирањето како зелена партија е добра формула да се биде прифатен пошироко, особено во насока на надминување на тие национални и националистички линии на водење политики во политичкиот и во јавниот живот, а за кои во Европа нема многу симпатии – нагласува Андревски.
За политичкиот аналитичар Сашо Клековски ребрендирањето на ДУИ во зелена партија е изненадување.
– Повеќето меѓународни партиски консултанти го советуваат ДУИ дека мора да прифати одредена идеолошка одредница, дали лево, дали десно и претпоставувам дека по спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и во согласност со меѓународните практики, ДУИ се реши на еден ваков чекор. За мене овој потег е доста неочекуван и невообичаен. Лично очекував дека ќе сакаат да бидат лева партија. Колку реално тие ќе станат зелени, ќе покаже времето – вели Клековски.
Според него, за прием во европското семејство се потребни многу услови, кои во моментот ДУИ не ги исполнува.

– Познат ми е процесот на прием во европската зелена алијанса каде што веќе членува ДОМ, а тоа е дека зелените инсистираат на зборови и дела во однос на идеолошката определба. Бидејќи му претстои голем напор на ДУИ да се трансформира во таа насока и во моментот оваа партија, иако има министер за животна средина, нема јасни ставови во однос на екологијата, ниту, пак, има доволна родова застапеност во раководството бидејќи зелените се прогресивни и го бараат тоа, така што во неколку конкретни ситуации ќе се види дали ДУИ навистина ќе станат зелени – појаснува Клековски.
Тој уште додава дека ако станат зелени, тогаш интегративците потешко ќе коалицираат и лево и десно како што прават сега, бидејќи зелените се посклони кон коалицирање со левата страна.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека ДУИ само се затскриваат зад зелената идеја.
– Партиите се обични акционерски друштва и ништо повеќе. Така, се тресеше гората и очекуваше нацијата – за Али да ни се насмее в лице! Со сите нијанси на (маслинесто) зеленото… Да биде иронијата поголема, во политичка смисла, зелената боја или зелените партии се оние што се посветени не само на екологијата и грижата за животот на човекот, флората и фауната (би рекле, планетата сфатена како Гаја) туку и на социјалната правда и мирот и ненасилството. За оваа финта на ДУИ има добар англиски израз: Greenwashing (затскривање зад екологизмот за да се скрие уништувањето) – е ставот на универзитетската професорка Билјана Ванковска.