Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска во Љубљана, имаше работна средба со својот домаќин, министерот за внатрешни работи на Република Словенија Боштјан Поклукар. На средбата покрај заедничката констатација за досега извонредните билатерални односи меѓу двете земји, но и меѓу двете институции, министерот Поклукар ја потврди силната партнерска поддршка од страна на Република Словенија за нашиот евроинтегративен пат.

Во таа насока беше потенцирана и отвореноста на словенечкото министерство за внатрешни работи за натамошна и интензивна соработка со нашето МВР, особено во поглед на остварување на приоритетите во Поглавјето 24, од сферата на правда, безбедност и слобода, како едно од клучните во таа евроинтегративна агенда .

На средбата двајцата министри разговараа и околу заедничката соработка во борбата против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот, пред се во во делот на финансиските истраги, за што заеднички беше констатирано дека тоа партнерство не само што треба да продолжи туку и да се продлабочи.

Министерот Чулев во името на министерството за внатрешни работи и во име на нашата Влада изрази благодарност кон МВР на Словенија и на Владата на Словенија и за поддршката во справувањето со миграциската криза, при што ја потенцираше високата професионалност на словенечките полициски службеници кои учествуваат во заедничките операции на нашата јужна граница.