Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, истакна денеска, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, дека Унијата испраќа многу важна порака до регионот, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.

– Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Ние ги сакаме во ЕУ. Ние сме едно европско семејство. Делиме иста историја, вредности и убедена сум и иста судбина – рече таа.

Фон дер Лејен истакна дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.

– Имаме заеднички интереси и можеме да се развиваме подобро заедно. Интеграцијата на Западен Балкан на заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е – ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е тука – рече претседателката на Европската комисија.