Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одбивањето на францускиот претседател Емануел Макрон за отворање на пристапни преговори со Македонија и со Албанија е голема стратегиска грешка, оценува во изјава за весникот „Ханделсблат“, досегашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој го презема комесарското место за буџет и администрација во новиот состав на Европската комисија. 

Хан смета дека грешката сè уште може да се поправи, надевајќи се дека тоа ќе се случи уште на почетокот на следната година. Тој предупредува и на негативните последици што може да ги предизвика противењето на Париз да се отворат вратите на ЕУ за Скопје и Тирана.

– На Западен Балкан се намалува желбата за реформи и имплементацијата Кредибилитетот на ЕУ е загрозен, а дополнително се подриваат и проевропските политички сили во регионот. Кредибилитетот може да се врати ако ЕУ набргу постигне заедничка позиција за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Во интерес на ЕУ е да им се даде европска перспектива на сите шест земји од Западен Балкан – вели Хан.

Тој посочува дека дел од содржината на францускиот нон пејпер веќе е имплементиран во земјите од Западен Балкан.

– Легитимно е да се разговара за подобрување на методологијата, но тоа не треба да се користи како оправдување за одложувањето на одлуката за почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана – наведува Јоханес Хан.