Три сценарија со висок процент на веројатност за остварување излегоа на виделина во врска со исходот од изборите во САД. Имено, во првото сценарио постои мала шанса победникот да биде познат во рок од еден ден, веднаш по изборите. Во второто сценарио, победникот може да биде одреден до крајот на неделава, додека третото сценарио предвидува дури и застој во изборниот процес. Извесно е дека и нашата јавност, како и американската и воопшто светската, со големо внимание ги следи неизвесните избори, чиј исход ќе има големо значење во однос на голем број геополитички и економски прашања

Неизвесноста за исходот од американските претседателски избори би можела да трае со денови, пред широката јавност да дознае дали Доналд Трамп ќе добие уште еден мандат или ќе биде наследен од страна на Џо Бајден, според предвидувањата на познавачите на состојбите. Ваквата ситуација се должи на повеќе фактори, меѓу кои спаѓаат рекордниот број гласови испратени преку пошта (двојно поголем во однос на 2016 година), поттикнат од пандемијата, што би можеле да го закомпликуваат процесот на броењето на гласовите. Процесот би можел да наиде на застој и поради потенцијалното правно оспорување на резултатите, особено од страна на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Њујорк тајмс“. Згора, надлежните лица во американските сојузни држави Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, кои се сметаат за клучни за одредување на победникот, објавија дека нема да ги соопштат резултатите на изборниот ден, со што може да се очекува „долга изборна недела“. Експертите истакнаа неколку сценарија за исходот на изборите, според кои постои мала шанса победникот да биде познат во рок од еден ден или, пак, да биде одреден до крајот на неделава. Во продолжение се објаснети различните можности за разврската на американските претседателски избори.

Сценарио 1: брза победа

Ова сценарио би се остварило во случај на убедлива победа на Џо Бајден на Флорида, на изненадувачки триумф во друга голема сојузна држава, како што е на пример Тексас или, пак, на добивање на гласовите од неколку помали држави. Ако дојде до остварување на ваквата можност и разликите во гласовите бидат доволно јасни за тие да му припаднат на Бајден, тогаш нема да постои начин актуелниот претседател Трамп да стигне до 270 електорски гласови, кои се потребни за осигурување на претседателскиот мандат. Од друга страна, мала беше веројатноста Трамп да оствари рана победа во некоја од државите што би „му го попречиле патот“ на Бајден до електорските гласови потребни за избор, според анкетите.

Сценарио 2: изборна недела

Второто сценарио предвидува тесни резултати во повеќе клучни сојузни држави, со што победникот не би можел да биде одреден на изборната вечер, односно би можел да биде соопштен следниот ден или, пак, до крајот на неделава. Во ваквата разврска, историски големиот број гласови преку пошта би можел да се покаже како важен, особено во сојузна држава како што е Пенсилванија, каде што резултатите веројатно не би биле познати барем до петок. Постои можност дека ќе бидат познати доволно информации за трендот на гласањето во клучните држави, за да се стекне општа идеја за исходот. Друга опција претставуваат првичните резултати според кои Трамп, не само што би ги задржал државите во кои славеше во 2016 година туку би освоил и уште неколку помали држави. На тој начин, дури и да биде прерано за прогласување победа, би можело да дојде до промена на тежата на силите, како и на очекувањата.

Сценарио 3: пат-позиција

Станува збор за кошмарно сценарио, според кое, резултатите се толку тесни што би можеле да доведат до тужби и до застој на изборниот процес. Во ваквата разврска, адвокатите од кампањата на Трамп веројатно би ги оспориле гласовите преку пошта пристигнати по изборниот ден и би тврделе дека тие не треба да бидат броени, наведува Џонатан Сван од интернет-порталот „Аксиос“. Овој процес би можел да стигне и до Врховниот суд, каде што сојузниците на Трамп сметаат дека имаат добри изгледи, со оглед на конзервативната наклонетост на судот со назначувањето на Ејми Кони Берет за судијка. Тие исто така би се бореле и за пристап за надгледување на броењето на гласовите. Адвокатите на демократите, пак, се подготвени да одговорат на сите правни предизвици од спротивниот табор, како што известува Стеф Кајт од „Аксиос“.
Извесно е дека светската јавност, како и американската, со големо внимание ги следи неизвесните избори, чиј исход ќе има големо значење во однос на голем број геополитички и економски прашања. С.Н.М.