Фото: Игор Бансколиев

Најновите истражувања и анализи во земјата и регионот покажуваат дека расте бројот кај најмладите возрасни структури што се заразуваат со вирусот и кај кои се јавуваат и постковид-компликации. Претходно се сметаше дека вирусот е безопасен за нив, но сѐ повеќе гледаме дека тој може да направи огромна штета на одредени органи во детското тело, велат докторите

Само во последната недела, од 1 до 7 март годинава, имало 335 деца на возраст од 0 до 18 години што биле позитивни на ковид-19, покажува анализата на Институтот за јавно здравје во Скопје. Британскиот сој го забрза ширењето на вирусот и кај децата, но она што загрижува е фактот дека сѐ почесто кај најмладите што го прележале вирусот се јавуваат постковид-компликации.
Колку се загрозени децата, дали има видливо зголемување на бројот на заразени деца? На пример, во соседна Србија зголемувањето на бројот на заразени деца е забележано на крајот на февруари, кога на одделението имало девет деца, а забележан е и зголемен број прегледи во амбуланти.
Овие бројки, иако не навидум големи, загрижуваат затоа што во претходните бранови децата или не се разболувале или немале никакви симптоми.
Според податоците на Институтот на јавно здравје, од ковид-19 се регистрирани заболени лица во сите возрасни групи.
– Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39, од 40 до 49, од 50 до 59 и од 20 до 29 години. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (или 104 случаи) и од 10 до 19 години (231 случај).

Од бубрежни до срцеви последици

Д-р Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, вели дека на почетокот се сметало дека вирусот е безопасен за нив, но сѐ повеќе гледаме дека тој може да направи огромна штета на одредени органи во детското тело.
Посочува дека децата на секоја возраст може да се разболат од ковид-19, па затоа мерките за заштита, задолжителното носење маска, редовното миење на рацете и избегнувањето на групирањата, мора да се почитуваат за да се заштитат најмладите.
– Можеби тие немаат симптоми како возрасните, висока температура и кашлица, но кај децата се појавуваат постковид-компликации, кои може да бидат многу сериозни. Голем дел деца се асимптоматски за време на вирусот, но тоа не значи дека ковид-19 не остава последици врз нивното здравје. Вирусот најчесто удира на стомакот, бубрезите, мозокот и срцето кај децата – објаснува таа.
Според неа, во светот има случаи на ковид-19 кај деца што завршиле со фатални последици, кај нас имало сериозни случаи со компликации предизвикани од коронавирусот, но, за среќа, нема случаи со смртен исход.
Епидемиологот Никола Пановски вели дека токму децата и младите се т.н. „ширачи на болеста“, односно тие се категоријата граѓани што се движат, одат по кафулиња, се собираат во поголеми групи и поради лесната преносливост на британскиот сој и лесно се заразуваат.
– Сепак, не е забележана потешка клиничка клика кај младите. Но тие го пренесуваат вирусот на домашните повозрасни членови, кај кои е поголем ризикот за потежок развој на болеста – додава Пановски.

Училиштата во Србија се жаришта

Српскиот епидемиологот Предраг Кон проценил дека британскиот сој доминира во српските училишта.
Особено од средината на февруари има зголемување на бројот на студенти што се позитивни на вирусот. Тие бројки во моментов не се драстични, но проблемот е што тие почнаа да растат.
Истражувањата во Велика Британија покажаа две важни работи во врска со овој сој, поради што оваа земја одлучи да ги задржи строгите мерки и „заклучувањето“ на врвот на ковид-бранот, и покрај успешната и масовна вакцинација.
Според податоците добиени од британската научна заедница, овој сој е околу 60 проценти позаразен од вообичаената варијанта на коронавирус, а бројот на заразени со британскиот сој кај децата под 15 години е многу поголем, во споредба со бројот на заразени со други соеви на коронавирусот на иста возраст..
Професорката Венди Баркли од Кралскиот колеџ во Лондон тврди дека мутациите го олеснувале пробивањето на вирусот во човечките клетки, така што децата се повеќе склони кон инфекции, а досега возрасните биле полесна цел.
– Децата се подложни на овој вирус како и возрасните, така што можеме да очекуваме повеќе заразени деца, со оглед на нивната шема на мешање – изјавила таа.

[email protected]