Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, упати апел до Бугарија да ја крене блокадата на евроинтегративниот пат на Македонија, во обраќањето на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.

– Кога Бугарија бараше членство во ЕУ и НАТО тие имаа добри пријатели во мене и во штабот на НАТО. Бугарија како сосед имаше огромна приодобивка од овој Охридски договор. Денешната ЕУ е составена од земји кои со години и векови биле непријателски настроени. Но, триумф на нашето доба е што овие непријатели денес седат заедно во оваа неверојатна унија на слободни и интегрирани земји. Македонија заслужува да биде таму и се надевам дека Бугарија ќе ги слушне едногласните барања од нивните пријатели и ќе ја крене блокадата за Македонија – нагласи Робертсон, укажувајќи дека и натаму е посветен да дава поддршка на Македонија како дел од Охридската група за просперитетна иднина.