Денеска официјално почнува изборната кампања за парламентарните избори закажани на 15 јули.
По многу нешта оваа кампања ќе биде специфична и уникатна. Првпат во историјата на независна Македонија ќе имаме една целосно видоизменета кампања и изборно претставување, без митинзи и масовни собирања како што наложуваат новонастанатите услови предизвикани од глобалната пандемија.
Тоа само по себе бара професионално и одговорно однесување од сите, но истовремено значи и голем предизвик за сите. Веќе можевме да се увериме дека вирусот ги користи дури и најмалите наши грешки и пропусти и потоа стравотно нѐ казнува.

Во екот на изборната кампања и гласањето, ќе нема простор за грешки. На Македонија ѝ се неопходни избори без ковид-19. Безбедноста и заштитата на јавното здравје несомнено треба да бидат приоритет број еден на овие избори, заедно со инклузивноста, демократичноста и со чесен изборен процес.
Во однос на изборното претставување, „Нова Македонија“, како и секогаш, на политичките субјекти им нуди широко поле за конструктивна дебата. Во согласност со професионалните новинарски стандарди и принципи, како и нашата уредувачка политика како аналитички и истражувачки медиум, „Нова Македонија“ во екот на кампањата, со еден компаративен приод, ќе им претстави на своите читатели ставови од различни политички субјекти, но ќе правиме и споредбена анализа на понудените идеи, проекти и програмски цели на учесниците во кампањата.

Партиските лидери и носителите на изборните листи ќе имаат можност и за отворени спротивставувања на своите ставови и аргументи низ страниците на весникот. Како и досега, во интерес на граѓаните, детално и длабински ќе ги анализираме понудените партиски програми во сите нивни сегменти, со споредбени и стручни анализи и мислења на експерти од разни области.
Во текот на кампањата ќе подготвиме и серија интервјуа со различни политички субјекти, кои се дел од изборниот процес. Целта е граѓаните и пошироката јавност да добијат јасна претстава, кој што нуди, на што ја темели својата програмска платформа и каде е поширокиот јавен интерес, врз основа на што потоа граѓаните ќе носат одлука кому да му го дадат својот глас.

Значењето на овие избори е повеќекратно и од аспект на нашето приближување кон ЕУ, за што е неопходно да покажеме повисоко ниво на демократска зрелост.
Нашиот народ вели дека на мака се познаваат јунаците. Времето и условите во кои моментално живееме исто така бараат јунаци, во секој поглед и од секој аспект. Македонија отсекогаш имала јунаци, ги има и сега. Тие се тука, меѓу нас. Медицинските работници се покажаа како такви. Време е за политичарите. Треба само заеднички да ги пронајдеме и препознаеме. Можеби уште сега во екот на кампањата и изборите.

Од редакцијата на „Нова Македонија“