Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денот на референдумот генерално беше мирен и добро организиран. Постапките беа водени професионално, транспарентно и непристрасно, а кампањата мирна и генерално активна ширум земјата, а слободата на собирање, здружување и изразување беше почитувана.

Ова се прелиминарните оценки на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на Делегацијата на Советот на Европа во врска со усогласеноста на референдумот во Република Македонија со демократските стандарди. На заедничката прес-конференцијата шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на рефререндумот во Скопје Јан Петерсен истакна дека иако законската рамка не ги покри доволно сите аспекти на процесот, референдумот беше администриран непристрасно, а темелните слободи беа почитувани.

Тој подвлече дека тоа што немаше организирана кампања „против“ или „за бојкот“ значеше дека за медиумите беше тешко да обезбедат балансирано покривање, иако тие за гласачите пренесуваа опсежни информации и широк спектар од разновидни гледишта.

Во однос на Државната изборна комисија беше посочено дека ДИК донесе регулатива за да ги пополни празнините во правната рамка, што покренало прашања околу нејзините законски овластувања да го прави тоа.

На прес-конференцијата беше истакнато дека иако властите вложија извесни напори да обезбедат јавни информации во врска со договорот, сепак неговата содржина беше недоволно објаснета.

Исто така, беше напоменето меѓу другото, дека иако немаше активна кампања „против“, според оценките на набљудувачите, коалицијата од граѓански здруженија и две помали политички партии се залагаше за бојкот преку митинзи и на социјалните медиуми, често користејќи потпалувачка националистичка реторика.

– Доколку ги почитуваме оние кои одбраа да не гласаат, без друго мораме да ги почитуваме и оние над половина милион кои сериозно го сфатија референдумот и одлучија да го дадат својот глас за иднината на земјата, рече Штефан Шенах, шеф на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во прелиминарната оценка на ОБСЕ/ОДИХР и на ПССЕ беше истакнато и прашањето на точноста на избирачките списоци со сугестија до властите ова прашање кое досега, како што рекоа, било споменувано во извештаите на овие две организации од неколкуте последни изборни циклуси, конечно ќе биде решено.

На новинарско прашање, во однос на цензусот Петерсен и Шенах истакнаа дека има разлики во однос на обврзувачки и консултативен референдум. Шенах посочи и на ставот на Венецијанската комисија да нема воопшто праг на излезност за референдумот, особено ако е консултативен.

– Овој референдум беше советодавен. Собранието ги праша луѓето за совет за прашање кое е во негова надлежност. Одговорот на прашањето го чита Собранието, рече Петерсон и нагласи дека на политичките лидери е да ги протолкуваат резултатите.

Шенах, пак, повтори дека треба да се испочитува волјата на оние над половина милион граѓани, кои го искористиле своето гласачко право и се изјасниле „за“.

За избирачкиот список, според Шенах, граѓаните треба да имаат доверба во него, а тоа, вели во Македонија не е случај. Во таа насока укажа на важноста за спроведување попис во земјата.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и делегацијата на ПССЕ мониторингот за референдумот го започнаа на 27 август, а целиот процес на референдумското гласање, кое вклучува и пребројувањето и сумирањето на резултатот, го следеше со околу 200 набљудувачи поделени во сто тима.