„Шула Мина“ во Крушево, потоа „Мите Богоевски“ во Претор, одморалиштето за деца од предучилишна возраст во селото Асамати, „Копанки“ на Пелистер…. Ги имаше многу и беа преполни со деца, а сега се празни, и тоа не поради актуелната состојба со коронавирусот, туку од сосема други причини и од многу порано. Овие детски одморалишта, некогашен имот на државата, им биле продадени на приватни фирми. Како што тврдат некои од сопствениците и одговорните од општините во кои се наоѓаат, продажбата на детските одморалишта била извршена некаде во 2014/2015 година. Но денес се празни, нефункционални, и стојат како неми споменици за повозрасните, кои некогаш таму оделе на настава во природа, за дружење, игра и рекреација…

Детските одморалишта ем приватизирани ем нефункционални

Одамна е замрен детскиот џагор во некогаш познатите детски одморалишта „Шула Мина“ во Крушево, „Мите Богоевски“ во Претор, одморалиштето за деца од предучилишна возраст во селото Асамати, „Копанки“ на Пелистер…. Ги имаше многу и беа преполни со деца, а сега се празни, и тоа не поради актуелната состојба со коронавирусот, туку од сосема други причини и од многу порано. Овие детски одморалишта, некогашен имот на државата, им биле продадени на приватни фирми. Како што тврдат некои од сопствениците и одговорните од општините во кои се наоѓаат објектите, продажбата на детските одморалишта била извршена некаде во 2014/2015 година. Единствено во функција бил објектот на „Шула Мина“ во Крушево, кој, пак, година и пол е нефункционален поради актуелните состојби со коронавирусот.
Дел од сопствеништвото на поранешното детско одморалиште „Шула Мина“ е мој, а некаде во 2014 година објектот беше продаден. Во моментов не функционира со деца поради корона-кризата и во согласност со уредбата на Владата што беше донесена лани, не смее да има групирање. До овој момент беше зачувана дејноста на објектот за летување на деца и за некои меѓународни летни кампови, меѓутоа поради целата ситуација со корона-кризата на пат сме објектот да се пренамени во хотел со апартмани за возрасни, поради неможноста да се извршува основната дејност. Еве, не функционираме веќе повеќе од година и пол. Сѐ поблиску сме до оваа одлука, а корона-кризата нѐ натера да размислуваме за начин на функционирање што нема да биде ранлив на вакви кризи и ако се пренамени во хотел, ќе се пренамени трајно. Објектот е со површина од 1.600 квадратни метри. Детското одморалиште „Шула Мина“ имаше капацитет од 290 легла, а негов 100 отсто сопственик е фирмата „Бегова корија“, а јас поседувам само дел од сопственичкиот пакет. Државата ги продаваше детските одморалишта на Пелистер, потоа во Струга, во Крушево и чинам во Дојран, а во Претор, „Мите Богоевски“, мислам дека претходно беше продадено. Се купи само објектот во Крушево, а за другите тогаш немаше инвеститори.

Ние решивме да инвестираме во објектот, јас бев мотивиран од желбата тој да опстои, бидејќи беше сериозно руиниран. Објектот постои од 1915 година, од времето на Првата светска војна, а првпат беше реновиран и одржуван во времето на Југославија, потоа така беше оставен. Досега успеавме да обновиме делумно од капацитетите во стил на детско одморалиште. Но со коронавирусот не можеме да работиме. Во него летуваа и зимуваа деца испратени од школи, самоиницијативно од родители, деца што беа праќани на државен трошок од социјално загрозени семејства, доаѓаа деца од спортски клубови, од невладини и меѓународни организации и преку туристички агенции. Полн пансион за едно дете се движеше помеѓу 550 и 750 денари, во зависност од аранжманот и од сезоната. Освен ова, другите детски одморалишта не функционираат и ако и ова го пренамениме во хотел, ќе останеме без оние класични детски одморалишта. Имавме и редовни летни и зимски кампови, го посетуваа многу деца и од странство – објасни сопственикот на „Шула Мина“, политичарот Петар Богојески.
Секретарот на општината Ресен, Јоне Димовски, вели дека објектите на детските одморалишта во Преспа се одамна продадени од страна на Министерството за труд и социјална политика и не се во функција како детски одморалишта. Одморалиштето во селото Асамати, каде што на времето бил инструктор, имало капацитет од 350 легла за деца од предучилишна возраст, а посебно имало соби за воспитувачите и, како што кажува тој, ги имало сите предуслови за престој на децата. И објектот од одморалиштето „Мите Богоевски“ во Претор, зграда на три ката, со околу 400 легла, одамна не е во функција за одмор на деца и е во сопственост на приватна фирма.
Одморалиштето во Асамати е во сопственост на фирмата „Преспански цвет“ увоз-извоз на Злате Димчевски, а продадено било некаде во 2014/ 2015 година. Во истиот период од страна на Министерството за труд и социјална политика е продадено и одморалиштето „Мите Богоевски“ во Претор. Негов сопственик е фирмата „Бомак“ увоз-извоз ДООЕЛ, сопственост на Владо Стојановски од Скопје. Објектот во Асамати е во мошне лоша состојба и во дворот на некогашното одморалиште сега има неколку хаварисани возила. Она што знам е дека одморалиштата се земени за многу евтини пари, не знам дали бил користен проценител, општината нема информации – вели секретарот Димовски.

Љупчо Стојановски, еден од сопствениците на фирмата „Бомак“ од Скопје, појаснува дека одморалиштето „Мите Богоевски“ заедно со неговиот брат Владо Стојановски го купиле пред 11 години од Министерството за труд и социјална политика, на меѓународно јавно наддавање, а за објектот платиле 320 илјади евра.
Одморалиштето ни се допадна како објект и го купивме и планиравме и натаму да си остане детско одморалиште со базен и слично. Почнавме со уредување на фасадата, потоа на внатрешното опремување, но најпрвин не ни даваа вода, па моравме да донесеме вода на некои три километри, а последниве седум-осум години објектот постојано е на нишан на вандали, кои влегуваат и пустошат внатре, па снемува осигурувачи, електрични кабли, чешми, тушеви… Последниот пат кога бевме, што да видиме – пустош. А имавме планови, закажавме венчавка во септември за ќерката, младенците веќе правеа планови тоа да се случи во објектот, а за гостите да уредиме дваесетина соби. Чудо се случува во Преспанскиот Регион, но не се откажуваме од идејата и натаму објектот да има функција на детско одморалиште – дециден е Стојановски.