Милчин во неколку наврати и порано упатуваше одредени забелешки за работата на Владата, но овој пат е подециден, а се однесува на преговорите за името. Милчин на својот фејсбук-профил напиша: „Катастрофална грешка е целата политика да се подреди на постигнувањето договор со Грција заради почнувањето преговори со ЕУ и поканата за НАТО. Зошто? Зашто Грција не преговара, Грција уценува. Грција сака наша капитулација. Грција сака да ни го издиктира Уставот. Што е многу, многу е! Ултиматумот треба да се одбие јасно и гласно“

Неколкупати најавената реконструкција на Владата и натаму се одложува. Извештајот од Европската комисија и препораката за почеток на разговори за влез во ЕУ како да не се доволен мотив премиерот Зоран Заев да го обезбеди посакуваното парламентарно мнозинство и да ги почне промените во владините ресори. Неговите преговори со двете крила на Беса одат тешко, пред сѐ поради спротивставувањето на Демократската партија за интеграција (ДУИ), која остро се спротивставува на влезот на Беса во Владата, а не дозволува неа да ѝ се одземе кое било министерство, од ДУИ да премине во рацете на Беса. Став за невлегување во Владата има и Алијансата на Албанците на Зијадин Села, која своевремено го изгуби Министерството за здравство. Очигледно е дека во тие преговори албанските партии не им даваат предност на државните, туку повеќе инсистираат на партиските и личните интереси.

Во општата неизвесност околу идниот владин состав посебен впечаток на неспокојство постои кај НСДП на Тито Петковски и ЛДП на Горан Милевски, кои се загрижени дека при новиот распоред, тие би го изгубиле она што го имаат како партиска придобивка. Тие и досега ставаа забелешки дека како коалициски партнери добиле сосема мал дел од кадровскиот колач и на еден или друг начин го изразувале своето незадоволство.
Тоа на своевиден начин пред ден-два го изрази и претседателот на Либералдемократската партија Горан Милевски, кој преку кратко обраќање, повикувајќи се на принципот на легалитет и владеењето на правото, му обрна внимание на министерот за здравство Венко Филипче дека сите граѓани во Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Поточно, поводот беше изјавата на Филипче дека нема да се запишуваат деца во градинка и ученици првоодделенци доколку не се вакцинирани, на што Милевски остро се спротивстави. Интересно е што експресно реагираше и Министерството за образование предводено од министер од СДСМ, кое го поддржа ставот на Милевски, а ја демантира изјавата на Филипче, нивниот сопартиец од СДСМ.

Во дел од партиите постои и „загриженост околу националниот состав на Владата“. Доколку бидат задоволени апетитите на сите албански партии, може да се случи драстично да биде сменет соодносот Македонци – Албанци, односно тој да стигне до 50 – 50, што би излегло дури од рамките на фамозниот Охридски договор, кој одамна е стипулиран во Уставот и „го одреди процентот“ од најмалку 20 отсто од заедниците што живеат во Македонија.

Големото владино задоволство од европскиот извештај го избледи и Владимир Милчин, доскорашен долгогодишен директор на фондацијата „Отворено општество“, попозната меѓу народот како Фондацијата на Џорџ Сорос. Милчин во неколку наврати и порано упатуваше одредени забелешки за работата на Владата, но овој пат е подециден, а се однесува на преговорите за името. Милчин на својот фејсбук-профил напиша: „Катастрофална грешка е целата политика да се подреди на постигнувањето договор со Грција заради почнувањето преговори со ЕУ и поканата за НАТО. Зошто? Зашто Грција не преговара, Грција уценува. Грција сака наша капитулација. Грција сака да ни го издиктира Уставот. Што е многу, многу е! Ултиматумот треба да се одбие јасно и гласно. Да, нам ни се важни и НАТО и ЕУ. Но во актуелниот светски политички контекст, во кој доминира Путиновата офанзива, Македонија не им е неважна на НАТО и ЕУ и тие би требало да ја притиснат Грција да не ја опструира безбедноста на Балканот така што ќе го спречува влезот на Македонија во НАТО и ЕУ. Не верувам дека тие се без аргументи и ’аргументи’ со кои ќе ја омекнат Грција“, напиша Милчин.
Критиката на Милчин добива на значење ако се знае дека Соросовата фондација беше камен-темелник на „Шарената револуција“, а нејзините активисти сега се пратеници во Собранието, директори на институции или јавни претпријатија, распоредени како владини или парламентарни советници. Имајќи го превид тоа, може да се каже дека Милчин е многу добро упатен што се подготвува од македонска страна и повикува на патриотизам и неменување на името и Уставот, став што не му бил изразуван во минатото.

Интересно е што ставовите на Милчин околу решението за спорот за името со Грција се во спротивност со ставовите на Љубомир Фрчкоски, што ретко се забележува за други настани и случувања. Имено, и двајцата досега соработувале или тесно соработувале со истите личности што ги имало во владините кабинети од истата политичка провениенција, во медиумите и во невладините организации каде што се чувствувале споменатите влијанија, а денес ја воспеваат новата слобода и го слават новодојдениот живот. Како ќе се одвиваат работите на таа релација останува да се види.

Во скопските кругови и неформалните разговори од доверба може да се чуе дека критиката на Милчин е неоснована и дека зад неа се крие неговата неостварена желба да биде именуван за амбасадор на Македонија во САД или во Обединетите нации, со што ем би бил награден за заслугите, ем конечно би ја завршил кариерата на некое високо и престижно политичко место, што, и покрај сиот труд во минатото, никогаш не го достигнал. За разлика од Фрчкоски, кој и покрај сите еквилибристики, се разбира и промашувања како министер, сѐ уште високо котира кај која било власт, особено кај сегашната.