Во дел од документот насловен „Стратегиски безбедносен компас на ЕУ“, кој треба да биде претставен денеска, на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на државите-членки на ЕУ, се посочува на идејата за напуштање на консензусот како концепт на одлучување во ЕУ, меѓутоа, за почеток, во делот од безбедносните одлучувања. Со ваквиот веќе официјален предлог се крши мразот на ригидните процедури на Унијата, кои како таква форма беа ползувани и искористувани од некои членки на ЕУ за остварување недемократски, противправни (па дури и криминални) аспирации, како на пример Бугарија во случајот со Македонија

БРИСЕЛ ДЕНЕСКА ЌЕ ЈА ОБЕЛОДЕНИ НОВАТА БЕЗБЕДНОСНА СТРАТЕГИЈА ЗА СЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

Контурите на безбедносната стратегија на Европската Унија, која ќе го детерминира правецот во кој ќе се движи Брисел во наредните години на воено поле, деновиве се појавија во јавноста преку бриселскиот портал „Еуроактив“.
Стратегискиот документ на 29 страници е насловен „Стратегиски безбедносен компас на ЕУ“. Тој е предвидено официјално да биде претставен денеска, на 15 ноември (понеделник), на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на државите-членки на ЕУ.

Клучни поенти што ги содржи документот

Во освртот врз стратегијата во која имал увид „Еуроактив“, тој информира дека се предвидува ЕУ во наредните пет до десет години „да ги натера членките воено и безбедносно да се поврзуваат“!
Исклучително значаен момент што се издвојува во стратегијата на ЕУ е тој каде што се истакнува дека „политиките што треба да се градат во наредниот период треба да бидат насочени кон Русија и Кина, бидејќи тие се главните центри што Брисел ги дефинира како закани на блокот“!
Во својот текст медиумот пишува дека врските што треба да се изградат во годините што доаѓаат меѓу земјите на ЕУ треба да се поврзани со воена доктрина што ќе има безбедносен одговор на „опасностите од воена окупација, енергетската зависност, хибридните закани и климатските промени“.
– Стратегијата предвидува до 2025 година ЕУ на располагање да има свои 5,000 војници, заедно со воена техника за дејствување на копно, вода и воздух, а сето тоа да биде дел од капацитетите за рапиден одговор на ЕУ – пишува „Еуроактив“.
Документот предвидува и од 2023 година да започнат и редовни симултани воени вежби на армиите на европските земји под команда на ЕУ, а од наредната година, односно од 2022-та, да се започне и дипломатски преговарачки процес со САД, каде што ќе се кристализираат безбедносните релации на двата големи сојузника.
„Стратегиски безбедносен компас на ЕУ“ предвидува од 2023 година, ЕУ-земјите воено и безбедносно да бидат поприсутни во вселената, а за таа потреба ќе бидат неопходни големи финансиски инвестиции.
– Стратегијата замислува и производство на шест главни безбедносни капацитети на ЕУ, меѓу кои и производство на сопствен модерен бренд на тенк, оклопни патролни возила и воена опрема наменета за дејствување на вода и во вселената – пишува порталот.

Внимателно да се следат развојот и имплементацијата на документот

Универзитетските професори и воено-политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека новиот стратегиски безбедносен документ на ЕУ, е само еден од низата на стратегии што во себе сѐ уште го немаат вистинскиот одговор кон безбедносните закани врз Европа. Според нив, документот има бледа реторика во делот каде што се посочуваат начините како би се ефектуирала безбедносната стратегија на Унијата. Сепак, тие од документот издвојуваат и два клучни момента што ја засегаат Македонија во процесите на интегрирање со Унијата.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека во формулирањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, изминативе десетина години може да се забележат неколку обиди за градење и формирање безбедносна стратегија што ги детектира заканите, а и механизмот за одбрана насочен кон изменетото безбедносно опкружување на земјите-членки.
Во тој контекст, политичкиот аналитичар додава дека и новиот документ има видливо изменет концепт за превенција од конфликти, кој, всушност, се смета за обединувачка норма во рамките на ЕУ.
Сепак, она што може да се извлече како заеднички именител, според Стефаноски, е тоа дека и овој нов стратегиски документ не поседува елементи на единствена безбедносна политичка поддршка на стратегијата.
– Фразите во документот се политички коректни, но и бледи и без јасна терминологија. Не се јасно детерминирани заедничките одговори на воените и цивилните инструменти што треба да одговорат на предизвиците – вели Стефаноски.
Негов совет до надлежните во државава е дека Македонија и тука треба да е многу проактивна, бидејќи веќе како дел од воената алијанса НАТО, иако не и од ЕУ, сепак во одреден дел се совпаѓаме во интегралниот дел на безбедносните политики.
– Ние и во минатото бевме присутни во мировните мисии на ЕУ на Балканот, а паметно би било тоа да го сториме и сега, бидејќи од тоа немаме што да загубиме. На таков начин ќе му покажеме на Брисел дека сме држава и нација партнер што никогаш не ги остава пријателите во неволја. На крајот, тоа, секако, може позитивно да се одрази во спорот со Бугарија, каде што од ден на ден сѐ поголем број држави вршат притисок врз Софија да го смени својот став, надвор од сите меѓународноправни норми, кон Македонија – заклучува Стефаноски.

Напуштање на консензусот во безбедносните одлучувања на ЕУ

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев вели најновиот стратегиски документ поврзан со европската безбедност, за разлика од поранешните документи на оваа тема, во својата содржина преставува значителен исчекор напред.
– Читајќи го она што е објавено во бриселските медиуми, каде што протекоа идните стратегиски предвидувања на ЕУ, мора да истакнам дека тие во себе содржат терминологија што се користи повеќе во дипломатскиот речник отколку во униформираниот. Имено, овој документ во себе има многу општи терминологии на безбедносните проекции, што само по себе фрла поглед на сомнеж дека сето тоа може во скоро време да доживее успех – вели професорот.
Хаџи-Јанев подвлекува дека за оваа тема е многу говорено во медиумите, особено во колумните на „Нова Македонија“, каде што веќе беше заклучено дека внатре во ЕУ делумно постојат декларативни заложби за остварување на овие воени цели на Унијата, но поради немањето консензус, тие не се ефектуираат во јаве.
– Сето тоа укажува дека ЕУ во овој дел има сериозен проблем околу нејзиниот стратегиски курс иако перцепциите и визиите постојат на тоа што е закана за ЕУ, но нема практичен одговор на заканите – вели професорот.
Тој подвлекува дека токму поради различните интереси на Унијата, кои во суштина постојат за сите можни прашања, не може да се најде соодветен и вистински одговор ни на безбедносните прашања.
Хаџи-Јанев прогнозира дека сега најголема пречка на Европа, а наедно и најверојатно причина за општиот наратив на документот е како тој да се операционализира, а сето тоа ќе бара европските лидери да го публикуваат со многу попрецизни информации и содржини.
– Документот посочува дека има идеја за напуштање на консензусот во безбедносните одлучувања. Тоа може да ја направи Унијата и попрагматична за решавање на безбедносните дилеми, но може да создаде и клима што може да се толкува и во обратен контекст. Ние во тој правец би имале корист од новиот начин на одлучување, бидејќи на тој чин би се заобиколила Бугарија да се обиде да нѐ спречи во оваа евроинтеграција, без разлика што веќе сме членка на НАТО, бидејќи најголемиот дел од земјите на ЕУ се дел од сојузот – вели Хаџи-Јанев.
Тој советува дека Македонија во овој момент само може да ги набљудува состојбите и да извлече поука како да реагира кога одредениот чин ќе се исправи како политика со која треба да се соочи нашата земја.

[email protected]