Пописот што го подготвуваат СДСМ и ДУИ ќе биде попис единствено на две партии, а не попис на сите граѓани и Република Македонија како статистичка операција, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– Овој попис, кој го турка СДСМ, е политички попис, а не статистички, како што треба да биде и како што е секаде во светот и во развиените земји.

За жал, ова брутално силување на оваа статистичка операција – попис е единствено затоа што Заев има веќе договорени бројки на тоа колку жители има Република Македонија од одредени етнички заедници. Ова е цена на коалицискиот договор помеѓу Заев, СДСМ и ДУИ, кој мора да го исполни СДСМ.

Заев, СДСМ, Али Ахмети и ДУИ веќе имаат договорено и ги знаат резултатите и бројките што треба да ги даде резултатот од пописот. Попишувањето на населението само со издиктиран матичен број на одреден човек е услов поставен затоа што Заев има ветено дека бројката на Албанци во Република Македонија според пописот ќе биде над 32 % од населението.

Затоа, веќе пописот не е статистика, туку е гола политика и затоа ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на овој закон и носење нов со консензус, кој ќе им биде од корист на Република Македонија и на граѓаните, а не на одредени политички партии, конкретно парламентарното мнозинство.

Доколку СДСМ го изгласа на сила, ние ќе собираме потписи од граѓаните за да го поништиме овој закон и да донесеме сите заедно нов закон – порача Арсовски.