Владата во Црна Гора ваквиот потег го објасни со изјава дека отповиканиот амбасадор се обидел да ги омаловажи и да ги искомпромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата, пренесуваат медиумите во регионот.

Како што се наведува, одлуката за отповикување е донесена на последната седница на црногорската влада.

Според одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, Министерството за внатрешни работи дознава дека Азески, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за веродостојноста на нејзините тела со својот наратив.

Исто така, појаснето е дека безбедносните органи особено ги забележале разговорите на Азески со истакнати бизнисмени од различни сфери, при што тој се обидел, како што е наведено, да ги омаловажува и компромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи ги неговите лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата на Црна Гора.

Според официјалните податоци, Азески е почесен конзул на Црна Гора во Македонија од 2016 година, пренесуваат медиумите.


Азески на Црна Гора ѝ посака брз развој и просперитет

Бранко Азески се огласи со коментар по одлуката на Владата во Црна Гора, да го отповика како почесен конзул на оваа земја.

– Црна Гора е независна и суверена држава, која согласно Уставот е дефинирана како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото. Иако независноста на Црна Гора е обновена на 3 јуни 2006 година, со истапувањето од државната заедница со Србија, таа претставува една од најстарите европски држави. На овие простори се простирала латинската провинција Превалис, средновековната држава Зета, а денес современата држава Црна Гора, која претставува своевидна раскрсница на која се испреплетени повеќе историски случувања, народи и култури (илирска, словенска, византиска, турска), како и религии (христијанска и исламска), кои оставиле свои траги до денешен ден. Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит – наведува Азески.

Црногорската влада го отповика почесниот конзул бидејќи, според пишувањата на регионалните медиуми, се обидел да ги омаловажи и компромитира највисоките власти во Црна Гора презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата.