Алексис Ципрас побара од Париз да се отвори европскиот пат за Скопје и за Тирана. Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, во неговиот говор за проширувањето на Европската Унија, на настан во францускиот Сенат рече дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство“.
– Кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Северна Македонија „се отклучи“ перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме. Како можеме да поддржиме политичка стабилност и економски развој во Ирак или Авганистан или во Мали, па дури и во Украина, ако не можеме да ги исполниме нашите обврски за поддршка на европските земји кандидати за членство? Како може ЕУ на кредибилен начин да ги поддржи изгледите за решавање на меѓународните спорови, кога не може да поддржи една европска земја како Република Северна Македонија, која придонесе во решавањето на долгогодишно европско прашање? – рече Ципрас.
Ципрас додаде дека доколку на меѓународната заедница ѝ се покаже дека „европската интеграција на Западен Балкан, исто така, значи обезбедување мир, стабилност и просперитет за регионот“, тоа ќе даде јасна глобална порака за успехот на ЕУ, 20 години по војната во Југославија.
Лидерот на СИРИЗА истакна дека „ако се награди Зоран Заев и народот на Република Северна Македонија, ќе биде порака за сите други лидери од Западен Балкан и поширокиот регион“, објаснувајќи дека тоа ќе биде порака до Албанија да направи уште повеќе чекори во владеењето на правото и за правата на грчкото малцинство, дека ќе биде порака до лидерите на Белград и Приштина да го решат косовското прашање, но и порака до босанското раководство за стабилност.
Од друга страна, ако процесот на пристапување остане замрзнат, пораката ќе биде јасна: Европа не ги наградува лидерите кои што се реформисти или кои постигнуваат компромиси, смета тој.