Хрватска ќе се заложи за подинамичен преговарачки процес, за Македонија во ЕУ интеграциите да го надополни пропуштеното, му порачал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на премиерот Зоран Заев при денешната нивна средба во Загреб.
Хрватскиот премиер, како што соопшти владината прес-служба, ги поддржал храбрите политики на македонската Влада и најавил целосна поддршка од Хрватска за евроинтегративните процеси на Македонија. Тој оценил дека премиерот Заев и македонската Влада донеле храбри одлуки изминатите месеци што ќе се одразат со формално членство во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ во јуни.
Премиерот Заев ја посочил како значајна поддршката од Хрватска во Советот на ЕУ, како и поддршката за НАТО интеграцијата и повикал таа да продолжи и во иднина.
– Во Македонија се донесоа важни одлуки. Верувам дека до крајот на јануари, парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција по што ќе следува и поддршка на Договорот и од страна на Грција, како и на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО и дека Македонија ќе биде 30-тата земја членка на НАТО. Имаме договор и со Бугарија. Правиме реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Очекуваме дека ќе почнеме преговори во јуни со ЕУ, рекол Заев.
Во состав на македонската владина делегација се и заменик-министерот за економија Кире Наумов и државниот секретар на МНР Виктор Димовски.
Од владината прес-служба информираат дека на средбата на ниво на владини делегации се разговарало за актуелните политички прашања во двете држави и за можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена. Премиерот Заев ги повикал хрвстските компании да инвестираат во Македонија.
Во рамки на посетата на Хрватска планирано е владината делегација да се сретне и со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и со претседателот на хрватското Собрание, Гордан Јадроковиќ.
Утре, премиерот Заев и владината делегација ќе учествува на Самитот на шефови на влади на земјите од Централно Европската Иницијатива (CEI).