Европската Унија е изградена и се гради на помирување, на мир, на соработка, на взаемна доверба меѓу земјите-членки преку своите вредности, своите права и заедничките аспирации, рече Лилијана Танги, пратеничка, заменик-претседателка на Комисијата за европски прашања во Националното Собрание на Франција за време на Регионалната либерална конференција на панелот „Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021?”, цитирајќи го францускиот пратеник за Источна Европа, Фредерик Пети: „Западен Балкан е иднината на Европската Унија“. А на сите нас, европските граѓани, е да ја градиме оваа иднина заедно.
– Седум децении, унијата на европските држави се продлабочува и се проширува со држави кои на доброволна основа ги споделуваат и ги бранат темелните вредности на ЕУ и кои целосно го имаат интегрирано нејзиното законодавство. Државите од Југоисточна Европа напредуваат на овој пат повеќе од 20 години. Денес постои едногласност дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Оваа заедничка иднина останува еден од приоритетите на нашите надворешни политики. Тоа беше потврдено во многу наврати од европските држави, во Софија во 2018 година, во Загреб во 2020 година и во Брдо при Крањ минатиот месец – додава таа.
Според Танги градењето на оваа заедничка иднина не треба да чека, ниту да биде ограничена со проширувањето.
– Мораме да ги развиваме и продлабочуваме нашите односи преку економски, општествени, политички и културни соработки. Тие мора да ги вклучат сите јавни и приватни актери, како и претставниците на граѓанското општество. Тоа е идеален начин за воспоставување долгорочни и конструктивни односи засновани на доверба – додава Танги.
Според неа за да се постигне ова, вклученоста на младите е од клучно значење бидејќи тие ќе бидат одговорни за обезбедување на континуитет на овие односи.
– Затоа, треба да ја обликуваме иднината на Европа со тоа што ќе ги слушаме, ќе ги вклучиме и ќе им веруваме. Во мај минатата година ЕУ започна голем процес на консултација со граѓаните за изградба на иднината на Европа. Како дел од овој процес, комисиите за европски прашања на француското национално собрание и австрискиот национален совет одлучија да разговараат со младите луѓе, особено од Западен Балкан. И сигурно не е изненадување дека младите покажаа и инспирација и смелост. Меѓу нивните предлози, постои јасна желба за дополнително образование, обука и информирање и желба да се изградат академски и професионални мостови низ Европа за да се врати перцепцијата на нашиот стар континент во очите на младите кои понекогаш губат надеж – додаде Танги.
Таа заклучува дека европското подобро утре, им припаѓа на сите европски граѓани започнувајќи од Стразбур, Брисел, Луксембург и Франкфурт, но и од Лисабон, Рига и Скопје.
Танги потсети дека во својот говор за Европа во 2017 година, францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека „единствениот начин да се обезбеди нашата иднина“ е преку „обнова на суверена, обединета и демократска Европа“. Дека Европа ќе се справи со големите современи предизвици како што се климатските промени, одбраната и безбедноста, големите миграции, дигиталната транзиција, економското закрепнување, како и со пандемијата со која се соочуваме речиси две години.
Танги е во земјава од денеска до 10 декември, при што предвидени се разговори на високо ниво со Министерот за Надворешни работи, Бујар Османи, со Министерката за Труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како и со Александар Николоски, претседател на парламентарната група за пријателство Франција – Македонија.