Доколку по вторпат претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпише указот на договорот со Грција, ќе се употреби исто решение и за договорот, но и за Законот за употреба на јазиците. Едно од решенијата е тие да бидат испратени во „Службен весник“ без неговиот потпис, најави парламентарниот спикер Талат Џафери
На 5 или 6 јули ќе биде закажана собраниската седница на која треба повторно да се гласа за договорот за името со Грција, изјави вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Доколку по вторпат претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпише указот и, како што кажа, тоа помине во практика, ќе се употреби исто решение и за договорот, но и за Законот за употреба на јазиците. Едно од решенијата е тие да бидат испратени во „Службен весник“ без потпис на претседателот Иванов.
– Собранието ќе спроведе своја одлука во контекст на надлежностите што ги има како Собрание и Собранието не може да попречи ниту една друга институција во контекст на одлуките што ги има донесено – рече Џафери.
Но претседателот на Собранието остава простор Иванов да се премисли и да го потпише договорот, во овој, како што наведе, историски момент за државата.
– Не сакам да прејудицирам за конечната одлука на претседателот Иванов – рече тој, алудирајќи на вчерашната најава дека Македонија ќе добие покана за НАТО.
Во секој случај, како што најави Џафери, Собранието ќе ја заврши својата обврска.
– Претседателот првично го искористи суспензивното вето на Законот за ратификација на договорот со Грција и ние во текот на идната недела ќе го вратиме на гласање и во контекст на одредбите на Уставот ќе се постапи во согласност со резултатот од прегласувањето. Уште еднаш го повторувам повикот, Иванов да размисли и да рефлектира во контекстот на овој историски момент – рече Џафери.
Во однос на референдумот за договорот со Грција, Џафери вели дека доколку се одржи на крајот на септември, тој мора да биде распишан на крајот на јули.
– Во однос на референдумот, по иницијатива онака како што е пропишано, откако ќе се определи датум за референдум, роковите треба да се обезбедат во рамките на минимум 60 дена, а максимум 90 дена од денот на донесувањето на одлуката за референдум до денот на неговото одржување – објасни претседателот на Собранието.
За можните уставни измени што би се случиле по позитивен исход од референдумот за договорот за името, Џафери вели дека треба да траат четири месеци. Ако тие започнат на почетокот на октомври, според него, може да се стигне до крајот на декември. П.Р.