За нас е битно да се договориме кој е концептот, а не да ги принудуваме политичките партии на решенија, вели Африм Гаши, лидерот на Алтернатива за нивниот влез во Владата. Прашан дали ќе го бараат Министерството за здравство како ресор, тој кажа дека нема да се разговара за тоа на средбата со премиерот Зоран Заев туку само за концептот.
– Ние сме кажале дека тоа е интерес на сите граѓани, да нема брзи избори. Нормално за такво нешто нема гаранција, бидејќи секогаш можат да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти Собранието. Сакаме Влада која до 2024 година ќе ги отвори преговорите со ЕУ и ќе направи напредок или да бидеме членка на ЕУ или да бидеме при крај – кажа Гаши.
Лидерот на Алтернатива се осврна и на прашањето дали Димитар Ковачевски е прифатлив кандидат за премиерската функција.
– Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Тоа е работа на СДСМ и тие треба да одлучат за тоа – порача Гаши.
Премиерот Зоран Заев и Гаши попладнево пристигнаа во Клубот на пратениците на разговори за вклучување на Алтернатива во Владата и во парламентарното мнозинство. Ова е нивна втора средба откако разговараа и на 19-ти месецов.
Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, исто така одржана во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.