Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тогаш кога граѓаните им веруваат на своите избраници и на институциите на системот

Скептицизмот во институциите на системот, уверувањето дека законите се спроведуваат селективно, презаситеноста со информации, кои неретко се претвораат во сопствени негации, често проблематизираната релевантност на изворите, недоволната едукација, страв од непознатото, но и потребата на кој било начин да се изразат незадоволството и револтот кон системот, резултираа со ниското ниво на доверба во мерките за заштита на јавното здравје од пандемијата на ковид-19. Тоа, пак, доведе не само до релативно слаб опфат на вакцинацијата туку и до чести прекршувања на заштитните мерки, па дури и до обиди „да се надитрат“ институциите со лажни ПЦР-тестови и сертификати за вакцинација. Така, според упатените, би можела да се објасни недисциплинираноста на македонските граѓани во однос на, на пример, швајцарските, кои минатиот викенд на референдум го поддржaа воведувањето здравствена ковид-пропусница, и тоа со мошне голем одзив на гласањето. Ковид-пропусниците или сертификати се наменети за вакцинираните лица, оние што го преболеле ковидот или се тестирале.

Едукација или мотивација

Вредно е да се спомене дека во Швајцарија две третини од населението се вакцинирани со две дози против ковид-19, додека во Македонија, според објавата на Министерството за здравство, заклучно со 26 ноември, нешто повеќе од една третина или 38 проценти од популацијата во државата примиле две дози вакцина. Од тоа, според упатените, произлегува и (не)подготвеноста ковид-пропусниците да се прифатат како неопходна реалност за секојдневно функционирање во услови на повторно засилување на пандемијата. И додека Владата засега се откажува од нови рестрикции и најавува мерки со кои ќе ја мотивира вакцинацијата, лекарите сметаат оти, пред сѐ, треба да се интензивираат напорите во едуцирање на граѓаните за бенефициите, ефикасноста и безбедноста на вакцините.
– Доколку не се интензивира процесот на вакцинација преку едукација на населението, затоа што тоа ни остана како една од најнеискористените мерки, односно да имаме една добра централизирана кампања за тоа какви се бенефициите од вакцинацијата, веројатно ќе останеме на низок број на вакцинирани и зимата ќе биде потешка – смета докторот Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија.

И непреземањето заштитни мерки води кон повреда на човековите права

Од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација, неодамна меѓу другите гласно предупредија дека при креирањето на мерките не треба да се прави разлика помеѓу работниците од јавниот и од приватниот сектор, туку потребна е и широка општествена и стручна дискусија за потребата од имунизација.
– Како организации што се посветени на заштитата на човековите права, сметаме дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето мерки од властите со цел заштита на населението од ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права. Задолжителната вакцинација е неопходна мерка, имајќи го предвид сериозниот ефект од глобалните дезинформациски кампањи, кои продуцираат недоверба во науката и медицинските авторитети и директно влијаат на малиот број на вакцинирани – заклучија од мрежата. Д.М.М.


ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА на прашањето:
Дали коронавирусот е креиран во лабораторија?

Речиси 65 отсто од граѓаните сметаат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, а 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од ковид-19 се зголемувани и се плаќало за да се пријавуваат луѓето дека починале од овој вирус.
Ова се наодите од истражувањето на јавното мислење „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“ спроведено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО). Миша Поповиќ, раководител на центарот во Институтот за демократија „Социетас цивилис“, на презентирање на наодите потенцира дека, според одговорите од анкетата, кај граѓаните постои висока дистрибуција на прифатливост на теории на заговор. Дури 46 отсто од испитаниците сметаат дека од авион се прскаат вируси и различни токсични содржини, 72 отсто од граѓаните сметаат дека светот го контролираат неколку моќни семејства, односно дека на некои тајни самити во Европа е одлучено за тоа како ќе тече историја, кој ќе дојде на власт и слично.
Исто така, 46 отсто од испитаниците се согласуваат дека климата се контролира со одредени сателити или радари, а од локалните теории на заговор, 44 отсто од испитаниците се согласуваат со тоа дека бројките за ковид-болни се зголемувани, поради тоа што се плаќало за да се пријавува дека луѓе починале од ковид. Од малку пониските бројки, во истражувањето се наведува дека 29 отсто од испитаниците сметаат дека не постојат климатски промени, а 57 отсто од испитаниците дека големите медиуми шират лаги.