Пендаровски: Курбан-бајрам нека биде поттик за заедничко надминување на предизвици
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во државата.
– Дозволете ми на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија да упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан-бајрам. Ви посакувам празничните денови да ги поминете во слога, хармонија и благосостојба помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и разбирање. Курбан-бајрам, празникот кој се темели на солидарноста и дарежливоста, нека биде поттик на сите граѓани за заедничко надминување на предизвици во нашето мултиетничко општество. Во духот на празникот Курбан-бајрам, да продолжиме да ја градиме нашата држава на темелите на разбирањето, соживотот и грижата за другиот, порача претседателот.
Ковачевски: Одбележувањето на празникот е во духот на нашиот вековен соживот
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски по повод еден од најголемите верски празници, Курбан-бајрам, упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, на членовите на Ријасетот и на муфтиствата, како и на сите припадници на исламската вероисповед.
– Одбележувањето на овој празник, кој е симбол на солидарноста и благосостојбата, е во духот на нашиот вековен соживот кој го градиме со генерации. Празникот Курбан-бајрам сите нас нè потсетува на значењето и големината на споделувањето, љубовта кон блискиот и взаемната почит, се наведува во честитката на премиерот, објавена од владината прес-служба.
Во неа се потенцира дека само заедно и сплотени, можеме да го совладаме секој предизвик и да продолжиме да го негуваме и чуваме нашето општество како едно општество за сите.
Премиерот порача овие празнични денови да поминат во мир, љубов и радост во домовите.
– Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европски вредности во духот на мултикултурализмот, по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство, потенцира премиерот.
Џафери: Курбан-бајрам e празник на солидарноста и сочувството
Од име на пратениците во Собранието, како и од негово, собранискиот претседател Талат Џафери на сите припадници на исламската вероисповед им изрази честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан-бајрам, со надеж дека празникот ќе ги најде во добро здравје, душевен мир и семејна топлина, каде и да се празнува.
– Курбан-бајрам e празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, празник на споделувањето и себе – вложувањето, на разбирањето и почитувањето меѓу луѓето. И оваа година Курбан-бајрам нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи со себе. На овој голем ден да ја споделиме трпезата, да го споделиме она што го имаме со блиските или далечните, познатите или непознатите, со оние кои имаат повеќе и со оние кои имаат помалку. Во ова време на премрежија низ кое поминува и целото човештво и нашата држава, да не дозволиме сами и осамени да поминуваме низ сопствените и туѓите битки и предизвици; да се обединиме за надминување на секоја пречка или тешкотија што се појавува пред нас. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина, затоа што сите сме неотуѓив дел од ова тло. Честит Курбан-бајрам и многу години да го празнуваме – се наведува во честитката на Џафери.
Мицкоски: Македонија многу пати досега докажала дека луѓето од различна вера или етничка припадност си подале рака
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од лично име и од името на партијата на сите граѓани од исламската вероисповест им го честитa големиот муслимански празник Курбан-бајрам.
Мицкоски во честитката посака овие празнични денови да донесат среќа, мир, спокојство, хармонија и здравје.
– Празникот Курбан-бајрам е празник кој потсетува на хуманоста и солидарноста кои се основните човечки вредности. Да се помогне и да се подаде рака на оној на којшто му е потребна е израз на човечноста. Македонија многу пати досега докажала дека луѓето од различна вера или етничка припадност многу пати досега си подале рака и се подржувале во предизвиците со кои се соочувале – се вели во честитката.
Се додава дека проблемите со кои се соочуваме ги делиме сите, па затоа смета дека само работа, сплотеност и заеднички труд можат да не исправат пред сите неправди и заедно да ги помине предизвици и премрежјата.
– Мораме напорно да работиме и да создаваме државата во која главна водилка ќе ни биде сплотеноста и толеранцијата и која ќе обезбеди иднина подеднакво за сите граѓани. Нека е честит големиот празник Курбан-бајрам! – се додава во честитката.
Маричиќ: Зајакнување на единството за подобра иднина на сите
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, упати честитки до граѓаните од исламска вероисповед, по повод денешниот празник Курбан-бајрам.
– Курбан-бајрам е време на зајакнување на свеста за правење жртва за она што е минливо во корист на трајните вредности и поголема цел. Затоа, нека овој голем празник биде дополнителен поттик за зајакнување на нашите човечки и духовни вредности, пријателски и семејни врски, меѓусебна солидарност, но и за зајакнување на единството како темел за врз кој ќе изградиме подобра и посветла иднина за Северна Македонија и за сите што живеат во неа – вели Маричиќ во честитката.