Македонската полиција има капацитети во било какви услови да ја задржи безбедноста и мирот и спокојот на граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашањето околу капацитетите на МВР за мирно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.
Граѓаните, вели, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.
– Оваа држава има свои институции кои што се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство дека ќе се осигура мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме, нагласи министерот Спасовски во разговор во утринската програма „Македонија наутро“ на МТВ.
Тој, исто така, истакна дека најавите за некакви „ноќни стражи“ се едноставно неприфатливи, а полицијата е таа која ја гарантира безбедноста на граѓаните. – Ниедна политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Тој му припаѓа на македонскиот народ. Единствено нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на негово дело. Ние како држава водиме политика на добрососедски односи, тука нема дилема, меѓутоа затоа бараме почит и достоинство. Од тие принципи ние не отстапуваме. Сакаме да подадеме рака на секого, меѓутоа жестоко ќе се спротивставиме доколку некој сака да ја понижи Македонија и македонскиот народ – категоричен е Спасовски. Министерот за внатрешни работи за време на гостувањето во утринската програма уште еднаш испрати апел за достоинствено чествување, порака до сите дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност, за демократско однесување и дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев без никакви нарушувања на јавниот ред и мир.