Фото: Претседател

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека персона-нон-грата никаде во светот не се презема заради политички изјави, туку кога има индиции за закана за националната безбедност.

Сакам да го појаснам она што го кажав на прес-конференцијата на Советот. И гледам дека некои од овие познати експерти, аналитичари, професори, па и политичари кои го разбираат бугарско-македонскиот комплекс што трае децении наназад и не ја гледаат таа дикстинција. Јас не барам протерување, не се битни имињата и не барам забрана за доаѓање во Македонија на лица кои велат дека ние сме Бугари. Имаат право да го викаат тоа. Ние одиме со тоа да одиме со санкции кон лица кои тврдат дека ние не сме Македонци, тука има многу за санкционирање. Значи ваква мерка персона-нон-грата никаде во светот не се презема заради политичка изјава, вели Пендаровски во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма, додавајќи дека ние сме демократска држава и претендираме да бидеме и до крај вистинска европска демократија.

Претседателот нагласува дека „ако е загрозен потенцијално јавниот поредок, јавниот ред и мир, националната безбедност на Македонија или нашата меѓународна позиција, но би апострофирал првите две посебно, во тој случај ние треба да негираме по тие основи“.  

 – Значи повторувам тој тип што го споменувате не ми пречи колку и да вика во центарот на Скопје дека јас не сум Македонец. Само се брука, тоа се политички шарлантани, циркузанти кои кажуваат работи кои целокупната светска наука на прво место, чувствата на македонскиот народ ги демантира. Меѓутоа ако ти велиш јас ќе дојдам со организиран превоз ги повикам сите Бугари во Македонија, надвор од Македонија да доаѓаат илјадници да им покажеме кои се овие кои не знаат кои се, е од друга страна тоа е закана за јавни поредок. И тоа е закана за националната безбедност за Македонија – рече Пендаровски, додавајќи дека во таков момент би реагирал и би препорачал таков сет мерки кон Владата.

Одредени политички субјекти во Бугарија, локалниот инцидент во Охрид се обидуваат да го стават во политички контекст и да го политизираат за да добијат политички поени на краток рок – смета претседателот Стево Пендаровски.

-Јас можам да разговарам за моето соопштение во кое направив неколку елементи, следејќи го соопштението на ОЈО Охрид. Прво, осудив чин на насилство, кој е наспорен, бидејќи дечкото има тешки телесни повреди. Второ, кажав дека е секретар на клубот на Бугарите во Охрид, затоа што ОЈО Охрид тврдеше дека така почнал инцидентот, дека му рекле „не ти е срам да се пишеш Бугарин“. Значи го следев она што го кажува официјален државен орган. И во третиот дел, ги повикав надлежните органи да го расчистат целиот случај и виновните, не велам кој е виновен, да сносат санкции – рече  Пендаровски

Според претседателот, станува збор за историски наративи или разбирање на односите меѓу нашата држава и Бугарија.

– Станува збор за историски наратив или разбирање на односите меѓу Македонија и Бугарија кое датира од 60 години на минатиот век. Тоа е влезено во главите на многу бугарски генерации и политичари, а има и кај нас таков наратив, низ такво светло и призма да ги гледаме македонско-бугарските односи. Од тоа не можеме да побегнеме бидејќи тоа се опашки кои се влечат и веројатно ќе се влечат децении и децении после нас – смета Пендаровски.

Втората причина според претседателот, се повторно закажаните избори во Бугарија за 2 април, кога, како што рече, секој од овие помали политички субјекти се обидуваат да капитализираат на вакви инциденти, бидејќи тие немаат друга политичка агенда.

– Ова им е единствена храна со која се хранат и само со таква радикална агенда можат да добијат едно или две места во бугарскиот Парламент. Со злоупотреба и политизација на овој случај можеби ќе успеат – додава Пендаровски.

Инаку, Бугарија деновиве го повлече својот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје на консултации во Софија.

– Бугарскиот амбасадор замина заедно со дечкото кој го однесоа на лекување во Софија. Подоцна ја кажаа таа квалификација дека ќе остане извесен период на консултации. Значи, не е повикан на консултации по два или три дена, туку истиот ден, но неспорно е останат за консултации – рече Пендаровски.