Прес служба на Пендаровски

Претседателот, Стево Пендаровски, одржа говор по повод 60 годишнината од скопскиот земјотрес.

– Секој човек и секоја заедница најдлабоко и најдолго ги паметат болката и загубата. Но, во исто време, тоа се и појдовните точки за наша трансформација во некој нов, конструктивен наратив кој ќе помогне за редефинирање на животните приоритети. Ние имаме токму една таква точка во нашата историја – земјотресот во 1963 година. Тоа е место на огромна човечка, интимна загуба и на колективна траума, место на девастација и смрт, но, воедно и место на промислување и соочување со важноста и суштината на животот. Тој „миг на умирање“ набргу станува и „миг на раѓање“ на сознанието дека градот и заедницата треба да се обновуваат и градат преку солидарноста, емпатијата, здруженоста во надминувањето на „рушевините на животот“ – рече тој.

Ацо Шопов, како што кажа,  во својот есеј „Во пет и седумнаесет“ ќе запише: „Зашто овој град не се ни улиците ни плоштадите, липите и црвените каранфили, парковите и гулабите, кулите убави или грди, линиите на старата и новата архитектура што ја сече оваа Вардар река како човечка вододелница, како две страници од историјата. Зашто овој град не се овие гробишта од железо и бетон, од малтер и цигли, ни овие темни заканувачки пукнатини на ѕидиштата, тие дијагонали на смртта, ни крововите што за чудо висат на тротоарите. Зашто овој град – тоа си ти, човеку. Зашто овој град – тоа е твојата невидена архитектура на совеста, љубовта, трпението и патилата, град на непознатата човечност во тебе. Историјата ќе запише: градот на човечноста е роден во пет и седумнаесет.“

– Меморијалот за 60 годишнината од земјотресот, би сакал да го посветиме токму на значењето на човечноста и на волјата на луѓето да ги премостуваат сите искушенија и да имаат капацитет, и повредени, да ги прескокнуваат замките и оградите на патот. Земјотресот во 1963-та ги преобликуваше економските, политичките и културните структури и останатите градски форми инхерентни на едно урбано живеење. Кога една елементарна непогода го прекинува текот на животот, велиме дека се случило насилство. Сепак, ако со крајни напори се обидеме да погледаме зад хоризонтот на страдањето, можеме да пронајдеме неколку пунктови на нови почетоци и на нова надеж – истакна претседателот.

Тој додаде дека Скопје, по 26 јули 1963-та почнува да создава можности за раскажување на поинакви урбани приказни на модерноста. Зборот солидарност почнува да доминира во нашиот јазик, луѓето покажуваат дотогаш невидена грижа едни за други. Светот идеолошки поделен на исток и запад се обединува околу урнатините на еден град, кој никогаш повеќе нема да биде ист.

– Во тоа време во Скопје доаѓа младиот јапонски архитект Кензо Танге со својата футуристичка визија за урбано живеење од сосема други меридијани. И покрај застанувањето на половина пат во реализација на неговиот план, сепак, Скопје почнува да се отвора кон поинаквите концепти. Станува јасно дека животот диктира формите на урбаноста да бидат различни и дека не можат да се потпираат исклучиво врз локалната традиција. А со тоа, жителите на градот стануваат поадаптибилни и за брзите културни промени. Она што е вредна поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од сѐ е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а во исто време, отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани – истакна Пендаровски.

Рече дека овој град е крајно комплексна средина, во која неговите граѓани се внатрешно фрагментирани по разни линии, со многу фактички и симболични земјотреси во себе, со безброј рани и загуби, со долга серија примери на урбана конфузија.

– Меѓутоа, сите ние во себе имаме една длабоко врежана културна константа дека наспроти сите наши разлики фундаментот на една човечка заедница е во емпатијата и солидарноста. А, ја имаме, затоа што пред 60 години на трагичен начин ја научивме вредноста на животот.