Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21-от ден од третиот месец, како симбол за трите копии на 21-от хромозом што ги носат лицата со Даунов синдром, е само еден од низата поводи кој нè потсетува што сме направиле за лицата кои живеат со оваа состојба и кои се идните чекори кои треба да ги преземеме за обезбедување на нивен рамноправен и квалитетен живот, напиша претседателот Стево Пендаровски во пораката по повод одбележувањето на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
Уверен сум, истакнува Пендаровски, дека со континуирано подигање на јавната свест и јакнење на инклузивните услуги, можеме да им овозможиме на нашите сограѓани со Даунов синдром да имаат исполнет живот, базиран врз еднаквост и недискриминација.
– Да ги напуштиме стереотипите, да се фокусираме на функционалноста и развојот на вештините на лицата со Даунов синдром, со цел да им дадеме простор во нашето заедничко општество – порача Пендаровски.
Со цел непречено интегрирање на лицата со Даунов синдром во целокупното општество, како што посочува претседателот Пендаровски, потребна ни е планирана и координирана реализација на активностите на сите засегнати страни: државните институции, здравствените установи, образовните институции, социјалните центри и граѓанските организации.
– Изразувам безрезервна поддршка на сите родители и семејства на лицата со Даунов синдром, и благодарност до сите институции и поединци кои се вклучени во нивниот едукативен процес, медицинска нега и социјална заштита. Нашиот однос кон лицата со попреченост е уште еден тест на декларативните заложби за изградба на инклузивно општество во кое подеднакво се уживаат човековите слободи и правам – напиша претседателот Пендаровски.