Процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, внатрешно-политичката динамика во земјата и актуелностите поврзани со европското досие биле во фокусот на денешните разговори помеѓу министерот за надворешни работи, Бујар Османи и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Османи, кој е во работна посета на Брисел, како што соопшти неговиот кабинет, го акцентирал успешното завршување на скринингот, како и потребата од забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ што служи како силен мотиватор и движечка сила за реформи. Воедно, тој се осврнал и на целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, нагласувајќи ја и потребата од забрзана интеграција со учество во повеќе конфигурации на Советот на ЕУ, зголемена помош или прогресивен влез во политиките и придобивките резервирани за земјите членки, што всушност претставува наш заеднички интерес.
– Полноправното членство на Западен Балкан во ЕУ нема алтернатива. Она што сега ни треба, е регионот да биде подготвен за членство, додека Унијата за проширувањето, односно да го задржиме кредибилитетот на процесот преку поголема интеграција пред членството – истакна Османи.
Соговорниците, како што се посочува, се осврнале и на ЕУ интеграциите во поширок регионален контекст, а разговарале и за соработката и справувањето со последиците од руската воена агресија во Украина, ситуацијата во Газа и Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешно политичка и безбедносна природа.
Во Брисел, министерот Османи, како што се наведува, имаше прилика да се сретне и со специјалниот претставник на ЕУ за Западeн Балкан, Мирослав Лајчак.