Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, тврди дека од денеска Косово и Македонија ќе имаат заеднички гранични премини, односно само една пасошка контрола, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља на својата страница на Фејсбук објави дека го потпишал договорот со кој ќе се овозможи воспоставување на заеднички гранични премини со Македонија, на премините „Генерал Јанковиќ – Блаце“ и „Глобочица-Јажинце“.

– Од денеска Република Косово и Република Северна Македонија имаат заеднички гранични премини. Имајќи ги предвид пријателските односи, засновани на вредностите на еднаквост и со цел зајакнување на регионалната соработка, денеска го потпишав договорот со кој ќе се овозможи воспоставување заеднички гранични премини со Република Северна Македонија, „Генерал Јанковиќ – Блаце“ и „Глобочица-Јажинце“ – напиша Свечља.

Овој договор, според косовскиот министер за внатрешни работи, „има за цел да ги поедностави процедурите и да го олесни движењето на луѓето и возилата“.

– Граѓаните отсега ќе се легитимираат само на еден граничен пункт – напиша Свечља.