Претседателот на собраниската Комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Љупчо Пренџов, денеска соопшти дека на затворената седница на Комисијата, од Агенцијата ги информирале за системски пропусти и со дел од законските решенија во врска со случајот Онишченко.
-Добивме еден редослед на тоа што се случувало, од објавувањето од страна на медиумите се до денеска, изјави денеска претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов по завршување на седницата, која, поради доверливоста на информациите, се одржа зад затворени врати.
На денешната седница на Комисијата, како што информираше Пренџов, добиле две информации – едната за случајот Онишченко, а другата за тоа што Агенцијата презела во врска со дојавите за бомби во училиштата и јавните објекти.
-Во однос на случајот со Онишченко, денеска се појави директорот на АНБ, кој пред неколку дена се извини што претходно не можел да присуствува. Во нормална демократија, пратениците прашуваат, а директорите одговараат. Како членка на НАТО, транспарентноста кон народните избраници мора да биде на ниво и тоа не прави да бидеме демократска држава. Таа седница беше затворена на степен на државна тајна, највисок степен на доверливост. Генерално, добивме определени информации. Како претседател на на Комисијата, загрижен сум за тоа што АНБ, а и претходно со други имиња континуирано ги полни насловите на медиумите со негативности и сметам дека конечно мора да ставиме крај на тоа. Конечно таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата – изјави Пренџов.
Новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски, беше назначен пред неколку ден. Неговото назначување беше оспорено од опозицијата бидејќи, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, неговиот потпис бил на документи поврзани со издавањето на македонско државјанство на контроверзниот украински бизнисмен Онишченко.
Информациите што биле дадени на седницата на собраниската Комисија, наскоро треба да бидат доставени и до Владата.