Фото: Архива/Илустрација

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по информациите што се пренесуваат во одредени медиуми, ја информира јавноста дека за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино со сомнителен квалитет, Основниот кривичен суд Скопје ги достави решенијата на судијата на претходна постапка со кои за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка притвор. За едно лице осомничено за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор.

Како што беше соопштено, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје синоќа им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а на сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски му одреди куќен притвор.

– Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација – се наведува во соопштението од Обвинителството.

Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство.

– Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа – се посочува во соопштението.

Обвинителството во соработка со правосудната полиција презема дејствија во насока на обезбедување на докази за сопственост на движен и недвижен имот на осомничените со цел нивно обезбедување заради понатамошна евентуална конфискација.

Кривичниот суд синоќа соопшти дека по прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци.

– Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка – соопшти Кривичниот суд

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

-По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформено по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево во која се приведени 11 лица, едно лице е во бегство, а едно во притвор –  соопшти Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека јавниот обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР денеска донел наредба за спроведување на истражна постапка против 13 физички и едно правно лице.

– Во периодот од 2021 до 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра – велат од Обвинителството.

Во намерата со умисла им помогнале вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ со што им помогнале да се склучат договори за јавна набавка и испорака на мазут до 24.02.2023 година.

– Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД Електрани Северна Македонија – Скопје, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила„Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице – појаснија од Обвинителството.