Фото: Министерство за здравство

Здравствените работници ја заслужуваат целата наша почит и во ниеден случај не треба да бидат редуцирани финансиските средства од нивните додатоци, како што се надоместоците за дежурства и ноќен труд, смета министерот за здравство Беким Сали.

Од Министерството за здравство соопштија дека нивен став и став на Владата е дека не се планира воведување проекти за плаќања по учинок, особено поради фактот што овој тип на проекти во минатото се покажаа како целосно неуспешна реформа.

Министерот и заменик-министерот за здравство, заедно со претставници на двата синдиката за здравство, како и претставници од Лекарската комора и Здруженијата за медицински сестри, овие ставови ќе ги претстават и пред Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, со цел да се приоретизира ова прашање, односно да се изнајдат средства за покачување на платите, со особен осврт на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници со средно образование, информираат од Министерството и посочуваат дека сите напори континуирано ги насочуваат кон афирмација и унапредување на статусот и улогата на здравствените работници во општеството.

-Изминатите три години здравствените работници и здравствените соработници, посветено и со натчовечки напори работеа на браникот на ковид пандемијата, пружајќи помош и борејќи се за здравјето и животот на секој пациент – истакнуваат од Министерството за здравство.