Начинот на современото живеење, емоциите и ризикот од деменција

(Женски напис по повод женскиот месец)

Современиот живот е олеснет со многу удобности што ни ги овозможи високиот технолошки развој, но истовремено со тоа се јавуваат и некои негативни последици токму од користењето на истите технологии. Денес е незамисливо луѓето во развиениот свет да немаат телевизија, мобилни телефони, компјутери и сл. Наместо дружењето, комуникацијата со членовите на семејството, соседите и другите познати и пријателите да се одвиваат лице в лице, се одвиваат главно по виртуелен начин. Дури и консултациите со лекар и психолог/психијатар станаа онлајн, виртуелно! Некој ќе каже, па тоа е побрзо, поедноставно и поевтино: не се чека многу за термин, не требаат упати, нема патувања до институциите, не се толку скапи услугите… Така е, ама… постои едно ама, кое е поврзано со сè поголемата социјална изолираност и осаменост кај луѓето. Веќе пишував претходно колку многу ковид-кризата предизвика зголемување на отуѓеноста (алиенацијата), со сите нејзини последици по физичкото и менталното здравје.
Во денешниот напис ќе соопштам некои најнови сознанија поврзани токму со современиот начин на живот.
Осаменоста и немањето социјална поддршка претставуваат голем ризик за развој на Алцхајмерова деменција. Како што е познато, овој вид деменција е во постојан пораст и се проценува дека трошоците поврзани со ова страдање, само во САД се проценуваат на над еден трилион долари годишно. За жал, овој вид деменција несомнено е поврзан со социјалната изолација, факт што се чини доста разбирлив и логичен. Во најновата студија направена во Канада, а објавена во реномираното списание „Плас уан“, освен осаменоста и степенот на социјална поддршка се истражувани и други можни ризични фактори како пушењето, консумирањето алкохол, растројствата на сонот, физичката активност. Веќе претходно е потврдено дека зголеменото и редовно учество во физичките вежби заедно со други луѓе го смалувало чувството на осаменост за 20 отсто. Физичките и менталните фактори, кои веќе се познати како ризик за Алцхајмер, ги подразбираат кардиоваскуларните болести, растројствата на слухот и видот, дијабетот, невротските и депресивни кризи, сите тие здружени со субјективна или објективна социјална изолација.
Но за разлика од генетските фактори, кои ја зголемуваат појавата на деменција и кои, за жал, се неменливи, социјалната изолација може да се превенира. Тоа би била основната задача на јавно-здравствените работници: токму превенирање на осаменоста кај повозрасните луѓе и овозможување максимална социјална заштита.
Генерално може да се заклучи дека квалитетот и квантитетот на секојдневните социјални средби (дружењето со други луѓе) имаат длабока поврзаност со клучните етиопатолошки фактори за деменција, а кои вклучуваат 1) лични навики и фактори на начин на живот, 2) физичко здравје, 3) ментално здравје и 4) општествени и надворешни фактори.

Кога веќе го споменавме квалитетот на сонот и спиењето, уште еден доказ колку тоа е важно покажува уште една нова студија, објавена во врвното медицинско списание „Ланцет“. Имено, потврдена е асоцијација на лошиот квалитет на спиењето и појавата на ноќни мори во детството и подоцнежното развивање когнитивно растројство и Паркинсонова болест на возраст од 50 години. Ова истражување е направено во голема проспективна студија во Британија со вклучени испитаници на возраст од седум и 11 години (значи деца) и нивно следење до возраст од 50 години. Најдено е дека кај 3,8 отсто од педесетгодишниците се јавиле когнитивни нарушувања или Паркинсонова болест токму кај оние што како деца имале ноќни мори или лош квалитет на сонот. Според тоа, современиот начин на одгледување на децата, кој подразбира изложеност на разни стресни сцени, филмови, видеа и сл., како и подоцното време во кое децата се ставаат во кревет се многу битни (а занемарени) ризични фактори за појавата на деменција или Паркинсонова болест. Во времето во кое мојата генерација растеше беше позната синтагмата: Девет е саатот, сите в кревет!
Пролиферацијата на социјалните медиуми и отворените мрежи како модерен технолошки бум даваат посебна можност за подобро следење и разбирање на човековото поведение и емоциите во разни услови. Во едно истражување се анализирани човечките емоции искажани во два големи града, Лондон и Сан Франциско, и се корелирани со мапите на градовите на кои се означени најбитните локации со кои емоциите биле поврзани, како и нивната поврзаност со секојдневните активности. Истражувањето е објавено неодамна во веќе спомнатото реномирано списание „Плас уан“. Анализирани биле околу два милиони пораки на социјалните мрежи во двете светски метрополи: Лондон и Сан Франциско.
Анализата на пораките покажала различност на емоциите зависно од разни локации во градот. На пример, во обата града во транспортните станици, на мостовите и на други места поврзани токму со транспортот, најмногу се искажувала емоцијата – одвратност, а најмалку емоцијата – радост. Напротив, најголема радост се искажувала преку пораките испратени од разни хотели и ресторани. Од друга страна, во Сан Франциско, на пример, највисоко ниво на бес, одвратност и тага се искажувале токму на Денот на жените (8 Март), додека во Лондон најмногу страв и тага биле искажувани за време на терористичките напади. Последователно, денот пред Нова година бил исполнет со највисоки нивоа на радост и во двата града.

Иако анализата се однесува само на пораките испратени на англиски јазик, нема сомнение дека ќе има совпаѓања и со другите јазични групи, народи и географски локации. Овие податоци наметнуваат потреба од подетални анализи на емоциите поврзани со градското живеење и се битни за урбаното планирање и туризмот.
Исто така, една најнова студија изведена во универзитетот „Колумбија“, САД, ја потенцира важноста да се има одредена цел во животот.
Познато е дека желбата за алкохол е силен порив што најчесто му претходи на самото пиење; сепак, желбата не води задолжително кон пиење кај сите луѓе и во сите околности. Тековната студија ја мери корелацијата помеѓу нервната реактивност и алкохолната консумација како ризик, зависно од присутните цели поставени во секојдневниот живот. Поставената цел во животот е како заштитен фактор што може да влијае на врската помеѓу желбата за алкохол и последователното количество на консумирање. Набљудувачката студија ги корелира податоците добиени со функционална магнетна резонанца (фМРИ) за реактивноста на нервните мрежи во мозокот и еколошките моментални процени (EMA) за целите во животот. Овие параметри се споредувани со желбата за консумирање алкохол.
Испитаниците биле студенти во студентски кампус. Снимањето со функционална магнетна резонанца (фМРИ) е правено во момент кога испитаниците гледаат слики од разни алкохолни пијалаци. Најдена е зголемена активност во вентралниот стриатум, клучен мозочен регион што се смета за одговорен за награда и преголема желба, а паралелно со снимањето испитаниците пополнувале прашалник во текот на 28 дена, за дневните резултати со кои ги вреднувале целите што си ги поставиле во сопствениот живот и употребата на алкохол.

Покажана и силна поврзаност помеѓу консумирањето алкохол, активноста на вентралниот стриатум и ниските резултати за поставените цели и вредности во животот. Најдена е силна интеракција што покажува реактивност кон желбата за алкохол со активирање на вентралниот стриатум и поголема консумација на алкохол, со смалени вредности и цели во животот. Спротивно, луѓето со зголемена нервна реактивност на алкохол пиеле помалку како одговор на нивната желба доколку имале изразени цели во животот во претходните моменти.
Невралната чувствителност за алкохол во вентралниот стриатум се чини дека е потенцијален ризик за зголемена употреба на алкохол кај социјалните алкохоличари, кога луѓето имаат ниско поставена цел и вредносен систем во животот. Според тоа, во воспитниот процес на младите генерации треба да се поттикне поставување одредени цели во животот, со што консумирањето алкохол би се смалило. Сите сме свесни за зачестеното користење на алкохолот токму кај младите луѓе.
Сите наведени современи студии во областа на невронауката покажуваат како може да се дејствува превентивно во намалување на ризиците од деменција и други растројства во животот. Сите овие превентивни мерки треба да бидат поттикнати уште од раниот развоен период преку образовните институции и семејното воспитување. Со други зборови, ако младиот човек се стимулира да има одредена цел и вредносен систем, тогаш многу помалку ќе биде осамен, помалку ќе страда од несоници и поретко ќе подлегнува на консумирање алкохол.

Нада Поп -Јорданова