При запишување на деца во градинка Министерството за труд и социјална политика се придржува кон исполнувањето на протоколите за вакцинирање против голема кашлица и ја следи состојбата на терен, изјави за МИА министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски при денешната посета на детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани.
– Имаме стриктни протоколи, а и според правилниците за упис на дете во градинка потребно е во досието, во согласност со возраста, да биде вклучен и картонот со примени вакцини. Притоа строго се постапува, нашите инспектори се и во редовни и во вонредни надзори на терен, а таму каде што ќе се констатираат неправилности, тие ќе бидат евидентирани и ќе се изготват записници. Тоа значи дека се постапува според она што е во наша надлежност. Освен овие законски обврски за комплетно досие со вакцинален картон при уписот, ние како Министерство немаме дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести одржува состаноци секоја недела и ако стигнат некакви насоки и заклучоци, ние ќе постапуваме според нив – нагласи Велковски.
Од детската градинка „Павлина Велјанова“ информираа дека за сите деца имаат уредни и комплетни вакциналните статуси, вклучени се потребните картони, а секоја година се бара нова потврда за навремено примени вакцини. До сега, во петте клона на градинката во Кочани, не се евидентирани деца со симптоми или заболени од голема кашлица.