Фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се консултирал со неговиот правен тим и најави дека ќе покрене тужба против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.

– Со жалење го прочитав тој нејзин статус. Не ѝ е првпат на Славјанка Петровска да нанесува удар врз мене и моето семејство на ваков подмолен начин, со многу лаги, измислици, конструкции. Таа, за жал, мене монструозно ме обвини, но јас тоа го оставам на нејзината чест и совест. Не би сакал да навлегувам во длабочината на нејзината мисла додека го креирала и го објавила овој пост – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во Владата.

Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба затоа што, како што нагласи, би сакал органите, судот, докрај да го расветлат тоа, да видат со какви докази располага Петровска, дека јас сум нарачувал и охрабрувал убиства.

Мицкоски додаде дека има семејство кое функционира низ градот и не би сакал, како што рече, да се најде во непријатна состојба.

– Одредени политичари, како што е Петровска, се обидуваат да спечалат некоја политичка ловорика и да ме нападнат мене лично, а преку тоа и моето семејство. Ќе кажам дека не ѝ е првпат. Не мислам дека ќе ѝ биде и последен пат, но, преку мојот правен тим јас во текот на деновите кои следат ќе поднесам тужба, па да ги видиме тие докази со коишто располага Петровска – нагласи Мицкокси.

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска денеска на својот Фејсбук-профил напиша дека премиерот Мицкоски стои и ги одобрува престрелки во Скопје.

– Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ, е всушност пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој. Доказ дека блискоста на Фантом со Мицковски не е монтирана е и фактотот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицковски. Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете – се наведува во објавата на Петровска.