Тогаш битката беше како ќе се исправиме на нозе, денеска битката е како ќе направиме големи чекори напред, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
На Свечената академија во организација на Владата, Мицкоски рече дека овој ден нѐ потсетува на нашето долго патување до слободата.
– Денеска сме исправени пред нова борба, еднакво значајна како создавањето на татковината. Тогаш владееше ентузијазам и голема енергија и одобрување на референдумот. Триесет и три години подоцна, многу работи се изменети, а сите ние повеќе искусни. Многу порази, многу неупсеси, потфрлања во системот. Битката не смее престане затоа што патриотизмот постои и денеска – посочи премиерот.
Тој запраша дали после децениските разочарувања, битката треба да престане. -Одговорот е никако. И тоа не е опција. Затоа што патриотизмот постои и денес, и денес со оваа генерација битката мора да се извојува. Патриотизмот е ист, но целите и работите кои мора да ги победиме се различни – истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека како нација имаме две големи цели – да го победиме разочарувањето на секој еден човек напластено од сите неуспеси, а втората, да го сузбиеме криминалот и корупцијата која метастазира во сите делови од општеството.
Нагласи дека, како што рече „ќе се борам со секој атом да докажам дека сме поразлични од сѐ досега и дека го менуваме работите“.
Свечената академија започна со изведба на македонската химна од страна на детски хор во Македонската филхармонија. Беше прикажан видео-спотот „Везилка“, која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески, како и изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез-оркестар.
Како што соопштија претходно од владината прес-служба, настанот е дел од пошироката иницијатива на владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.