Фото: МИА

Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити денеска на брифинг со новинарите истакна дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ потврди дека има четири нови случаи на голема кашлица во земјава, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината.

– Од службите сега ме известија дека сѐ е процесуирано и оттука ќе одам да го потпишам и ќе го пратиме до вакциналните пунктови веднаш да стапи во сила – одговори Меџити прашан околку процедурата за прогласување епидемија на голема кашлица.

Меџити рече и дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

– Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот – подвлече Меџити.

Тој се осврна и на проверувањето вакцинални картони, при што нагласи дека на тоа се работи, но оти процедурата е се уште во  тек. Кога резултатите ќе бидат целосни, најави дека ќе бидат споделени со јавноста.