Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во врска со истрагата на Европската служба против измами (ОЛАФ) за злоупотреби на средстава од европските фондови во земјава против 17 субјекти во државава, рече дека е важно е да се види за какви субјекти се работи и повика тоа да се расчисти докрај.
-Впрочем, во нашиот систем знаеме дека е тоа и посебно кривично дело – малверзации или злоупотреба на европските пари и имало многу држави во регионов коишто имаат и повеќе случаи – Романија, Бугарија, Хрватска имала проблеми во одредени фази, но ги надминале и ги искористиле средствата и со ИПА, а и со структурните бидејќи со структурните знаете веќе ја објавија и таа анализа кај 11 поголеми се структурните фондови, рече Маричиќ на брифингот со новинарите.
Тој ја појасни поделбата на улогите во нашиот систем околу ИПА фондовите.
-СЕП има примарна улога во програмирањето, во процесот на собирање информации и определување на приоритетите и проектите или областите што ќе се финансираат. И ние ги поднесуваме секторските оперативни програми. Тоа се програмите што ги листаат приоритетите за финансирање или проектите за финансирање и во моментот кога ќе се усвојат ги известуваме од Владата, ја известуваме ЕК како се усвоени. Средствата од ИПА фондовите се префрлаат во Министерството за финансии. Таму има посебна единица за спроведување на ИПА фондовите и таму во рамките на таа единица постојат исто така структури што ги прибираат информациите и ги добиваат забелешките и приговорите во однос на ИПА фондовите и од таму се реализираат понатаму проектите што сме ги утврдиле, рече Маричиќ.
Истакна дека инспекциите ги прават преку Министерството за финансии за тоа како се спроведуваат конкретните проекти од европските пари и дека покрај оваа единица во МФ има и втор друг голем корисник на европските пари, тоа е ИПАРД агенцијата што ги добива директно средствата за менаџирање на фондовите поврзани со ИПАРД-от, односно со земјоделието.
-Се што не е ИПАРД оди преку Министерството за финансии. И тие имаат најточен увид. Ние ги немаме информациите бидејќи истрагите се тајни. И тие имаат механизми како да ги испитаат. Вчера имаше и соопштение од МФ околу тоа каде и како утврдиле неправилности. Тие не мора да бидат ниту големи, ниту крупни, може и за помали проекти да се работи, но добро е сите да ги расчистиме докрај. Затоа што улогата на ова е токму да контролира како се трошат европските пари. Нормално дека секој проблем во користењето на европските пари нам ќе треба да ни укаже на некоја слабост дали од кај имплементаторите што можат да бидат општини, можат да бидат и компании, можат да бидат институции. Значи, важно е да се види за какви субјекти се работи и сето тоа да го расчистиме докрај, нагласи Маричиќ.
Додаде дека со делегацијата на ЕУ еднаш неделно имаат состанок на тема ИПА фондови, а на дневна основа комуницираат за се што е потребно, бидејќи, како што кажа, нашата борба е секое евро да биде правилно искористено во целта за кое што е наменето.