Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод Денот на македонскиот јазик, истакнувајќи дека јазикот е еден од клучните столбови врз кои се гради државата и нејзиното институционално функционирање.
Во својата порака, Гаши нагласува дека македонскиот јазик, покрај тоа што е средство за комуникација, има значајна улога во службената употреба, образованието, науката и културата.
– Македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради нашата заедничка држава. Како посебен јазик во групата на јужнословенските јазици, тој успеа да се развие во јазик на книжевноста, образованието, науката и културата – наведува Гаши.
Тој посочува и на значењето на македонскиот јазик во рамки на Балканскиот јазичен сојуз, каде заедно со другите јазици создава уникатни лингвистички особености.
Во обраќањето, претседателот на Собранието потенцира дека во мултиетничко општество како Македонија, почитувањето на јазичните и културните различности е основа за кохезија и соживот.
– Промоцијата на македонскиот јазик оди паралелно со нашата посветеност да ги гарантираме јазичните права на секој граѓанин, градејќи мостови на разбирање и меѓусебна почит – истакнува Гаши.
Тој додава дека Собранието останува посветено на унапредување на институционалните стандарди и на обезбедување јасна и одговорна комуникација, со цел зачувување и понатамошно промовирање на македонскиот јазик.

































