По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, премиерот Христијан Мицкоски упати честитка во која ја нагласува важноста на јазикот како клучен столб на националниот идентитет и културното наследство.
– Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на вековната историја и чувар на колективната меморија. Во него се вткаени борбите, надежите и стремежите на генерации – порача Мицкоски.
Тој истакна дека обврска на сите е да го негуваат и унапредуваат македонскиот јазик, како во земјава, така и на меѓународно ниво.
– Нашата должност е јасна – да го чуваме, развиваме и достоинствено претставуваме македонскиот јазик. Во време на предизвици, потребни се единство и верба во вредностите што нè дефинираат – нагласи премиерот.
Мицкоски додаде дека државата останува посветена на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик како неотуѓиво културно и историско наследство.
– Јазикот е наша заедничка обврска, но и наша заедничка иднина. Преку него ја чуваме душата на народот – стои во пораката.
На крајот, премиерот им го честиташе празникот на сите граѓани.

































