По апсењето на припадник на ОВК од страна на македонската полиција, Белград и Приштина со свои очекувања отворено упатени кон Македонија
Несомнено македонските институции се наоѓаат пред сериозен испит на зрелост, така што клучно е да постапуваат во согласност со утврдените правни практики при вакви случаи, односно одлуката дали некого ќе екстрадираат или ќе ослободат да ја носат врз основа на доставените докази по обвинението, како и според законските прописи и меѓународните регулативи.
Она што е клучно и важно за една суверена држава, тоа е пред сѐ да се води од силината на правните аргументи што ќе ги достават двете страни, а не од сентименталноста кон една или кон друга страна
Силни реакции во соседството предизвика завчерашното приведување на Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК, баран по потерница од Интерпол – Србија за злосторства во Косово.
Четириесет и седумгодишниот косовски државјанин бил приведен на граничниот премин Јажинце и спроведен во СВР-Тетово за понатамошна постапка.
Меѓународната потерница издадена од Србија во Интерпол е прифатена од Кривичниот суд и Рамадани следните 30 дена ќе биде во притвор. Предлозите за мерката на претпазливост ги издаде Обвинителството за организиран криминал.
Реакции и очекувања и од Белград и од Приштина
По апсењето на Рамадани, со реакции се јавија и официјален Белград и официјална Приштина, сите со свои видувања каков треба да биде исходот на овој случај.
– Многу често се случува земјите да уапсат некого, а потоа да не го екстрадираат. Ако некој навистина сака да се бори против воените злосторства, ако има документирани обвиненија, тогаш секако очекуваме да биде екстрадиран за да одговара за злосторствата – изјави Дачиќ за државната РТС, одговарајќи на прашањето дали очекува негова екстрадиција во Србија.
Со свој став се јави и косовскиот премиер Аљбин Курти, кој рече дека е во контакт со македонските власти и дека очекува ослободување на Рамадани.
– Нашето Министерство за правда е во комуникација со Владата на С. Македонија за да дознаеме повеќе за косовскиот државјанин што се наоѓа таму во притвор и дека нема да дојде до потчинување на агресивноста на Србија кон Косово што се рефлектира преку потерниците за апсење за нашите граѓани – рече Курти на завчерашната прес-конференција.
Претходно амбасадорот на Косово во Македонија, Флоријан Ќехаја, изјави дека земјава нема да го екстрадира во Србија Бљерим Рамадани, кој беше уапсен врз основа на потерница за воени злосторства извршени за време на војната во 1999 година, пренесува „Газета експрес“.
– Ние се занимаваме со случајот, имаме многу силен аргумент дека тоа нема да се случи. Тука сме во комуникација со новата влада, но и со правосудните органи – изјавил Ќехаја за „РТВ дукаџини“.
Министерството за надворешни работи и дијаспора во Косово соопшти дека по сите дипломатски канали ќе обезбеди ослободување на косовскиот државјанин и експрипадник на ОВК.
– Амбасадата на Косово во Скопје е ангажирана со тим од правни експерти за што побрзо ослободување на Рамадани и негово враќање на семејството – се наведува во соопштението на косовското МНР.
Политиката и правото не можат да се мешаат
Несомнено македонските институции се наоѓаат пред сериозен испит на зрелост, така што клучно е да постапуваат во согласност со утврдените правни практики при вакви случаи, односно одлуката дали некого ќе екстрадираат или ќе ослободат да ја носат врз основа на доставените докази по обвинението, како и според законските прописи и меѓународните регулативи.
Она што е клучно и важно за една суверена држава, тоа е пред сѐ да се води од силината на правните аргументи што ќе ги достават двете страни, а не од сентименталноста кон една или кон друга страна. Најмалку што треба да направи, тоа е државата да подлегне под чии било притисоци и одлуките да ги носи врз основа на таквите притисоци. Во тој случај, повеќе не станува збор за суверена држава, туку за земја што е во подредена улога и која постапува во согласност со потребите на други земји.
За познавачите на состојбите нема никаква дилема дека Македонија треба да постапи како суверена држава и самата да донесе одлука дали некого ќе екстрадира или не, исклучиво врз основа на правните аргументи, а не врз основа на туѓите желби и очекувања.
– Политиката треба апсолутно да се тргне настрана. Очекувањата воопшто, не само за конкретниот случај, од секоја власт се конечно да почне да постапува во согласност со законот и без мешање на политиката. Значи, политичките проблеми да не се решаваат преку правните механизми бидејќи тоа е погубно за државата и тоа се покажа во целокупниот наш изминат период во независноста. Секоја власт додека беше во опозиција зборуваше колку е разнебитено судството, а за тоа добиваме и најголеми опомени од меѓународната заедница, за кога ќе почне да практикува власт да зборува дека сега е добро судството, без воопшто да направи какви било реформи. Битно е да се применува законот, без оглед кој е во прашање и без оглед какви се политичките интереси на една или на друга структура – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, во случајот со уапсениот припадник на ОВК, Македонија не треба да постапува врз основа на некаква сентименталност кон една или кон друга страна, туку исклучиво врз основа на закон.
– Ако ги исполнува условите за екстрадиција и е во согласност со законот, билатералните договори и меѓународните прописи, Рамадани треба да се екстрадира, ако не, нема зошто да се екстрадира. Но крајно време е еднаш да почнеме, не само кон надвор и барањето за екстрадиција, туку воопшто и во нашата држава, да почнеме да ги применуваме законите. Најпогубно е постојано да се размислува за законски промени, како што која влада ќе дојде, како да почнуваме од ново да ја градиме државата, па она што не им одговара на едните во мигот да се менува како закон. Крајно време е законите да ги применуваме дословно онакви какви што се, а праксата да ни покаже во кој дел можеби, но издржано со елаборат, законот не чинел, па да го смениме во тој дел на подобро, а не да го правиме тоа од лични, политички или од некои други интереси – потенцира Давидовиќ.
За него, кога говори за дословно почитување на законите, важно е државата да ги покаже сите елементи на сувереност, што значи одлучување низ законска процедура лишена од какви било притисоци.
– Не може никој да ни диктира, ниту партиите однатре, ниту нечии интереси однадвор. Погубно би било во мигот да натежнат нечии интереси и да се донесе одлука во полза на тие интереси и поради тоа да не се постапи во согласност со законот. Но утре нам ќе ни потреба нешто кога ќе треба да се постапи во согласност со законот, но ќе треба да очекуваме еднаква реакција и тоа не е во ред. Тоа не ја создава правната сигурност, тоа нас не нѐ декларира како сериозна правна држава. Затоа не смееме да правиме вакви преседани, туку да се водиме исклучиво според законите – нагласува Давидовиќ.
Понатаму уште додава дека тоа во иднина создава лоши практики што можат негативно да се одразат врз државата.
– Со незаконско и пристрасно одлучување само се поттикнува меѓународниот криминал, а ние сме под лупа. Ние сме доведени под еден голем прашалник по извештајот на Прибе и сето она што се случуваше, што навистина правиме и дали правиме. Се соочуваме со постојани критики на меѓународниот фактор, на амбасадорите, кои повеќе не ни ги кажуваат работите со дипломатски речник, туку директно. Затоа мора да покажеме дека ги почитуваме законите и постапуваме според нив. Тоа треба да важи за овој случај, но генерално и за сѐ друго – заклучува Давидовиќ.