Фото: Фејсбук/„ДНК“

Леонид Индов во Австрија ја доби статуетката „златна бубамара“ што музичкото дуо „ДНК“ ја продаде со цел да собере пари за негово лекување. Донаторот на најголемата сума, Кирче Митрески од Охрид, побарал статуетката да му биде испратена на Лео, како потсетник дека не е сам, како што посочија Панчо и Андреј од „ДНК“.

– Лео конечно си ја доби бубамарата, многу ве поздрави и ни кажа дека благодарение на сите вас добри и хумани луѓе, здравјето му оди на подобро и дека нема намера да се откаже – се вели во објавата на „ДНК“ на Фејсбук.

За статуетката што „ДНК“ и Врчак ја освоија за „Хит на годината“ беа понудени 250 илјади денари, а во рамки на хуманата акција биле собрани вкупно 690 илјади денари за лекувањето на Леонид Индов.

Младиот Леонид Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција. На 6 февруари тој беше транспортиран со хеликоптер во здравствена установа во Австрија, на иницијатива на неговото семејство.