Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија

Како дел од серијата написи „Некои аспекти на пензионерскиот систем во Македонија“, денеска презентираме уште еден текст на претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова. Во својот авторски текст, претседателката на сојузот прави опширна анализа уште на едно актуелно прашање што особено ги интересира пензионерите: „Еднакви можности на жените и мажите“. Имајќи ја предвид потребата за сѐ подинамично актуализирање на некои од прашањата што се однесуваат на пензионерите и нивното организирање, во насока на напредок на нивниот статус при дијалогот со државните органи за решавање на отворените прашања, го објавуваме и овој текст, со цел од аголот на СЗПМ од прва рака да се осветлат што повеќе аспекти од живеењето на пензионерите

Не случајно многу земји НОВАТА година ја слават во март, особено земјите каде што владее источната мудрост. Можеби затоа и народот кај нас на месецот март му дал „женско име“ – „баба Марта“. А додатокот „баба“ асоцира на мудрост што ја имаат возрасните.
Март по некое непишано правило е месец на жените и не само поради тоа што во март го одбележуваме 8 Март, Меѓународниот ден на жената, туку и поради други факти што се случуваат во овој месец, како што е будење на природата и почеток на нов живот во едногодишниот циклус на природата. И кога сме во „месецот на жените“, збор-два за местото на жените во нашето општество.
Рамноправноста меѓу половите е една од темелните вредности на Уставот на Република Македонија, која се заснова на целосно признавање и промовираше на еднаквите можности на жените и мажите.
Еднаквите можности меѓу мажите и жените во Република Македонија се регулирани со Уставот како највисок правен акт, но во голем број закони се внесени одредби со кои се забранува дискриминација врз основа на пол и одредби со кои се инкорпорира родовиот концепт во домашната законска регулатива. Иако во значителен број закони е вграден родовиот концепт, сѐ до 2006 година не беше донесен посебен закон со кој се промовираат и унапредуваат еднаквите можности на мажите и жените. Имено, во 2006 година, Собранието на РМ го донесе Законот за еднакви можности на жените и мажите, кој во 2008 година беше усогласен со постојните дефиниции за дискриминација и видовите дискриминација со Директивите на Европската Унија, кои го регулираат нееднаквиот третман на жените и мажите. Во „Сл. весник на РМ“ бр 6/2012 год. е објавен најновиот текст на овој закон.
Според тоа, Законот за еднакви можности на жените и мажите е важен инструмент за обезбедување еднаков третман на жените и мажите во сите сфери на нашето општество. Имплементацијата на овој општ документ се одвива и преку подзаконските акти, кои во согласност со принципот на хиерархија на законите, подзаконските акти треба да го спроведуваат законот, но не треба да го надминуваат.
Како што е познато, субјект одговорен за следење и примена на мерките насочени кон воспоставување еднакви можности е Министерството за труд и социјална политика, кое ја има водечката улога во однос на родовата перспектива и унапредување на еднаквите можности. Од ова министерство се бараат мислења за сите материјали доставени до Владата на РМ, кои се однесуваат на родовата еднаквост.

Поради статусот на Р Македонија како кандидат за Европската Унија, очигледна е потребата од поголема конзистентност на овој дел на законодавството со стандардите на ЕУ. Познато е дека споменатиот закон се спроведува преку три вида мерки.
Прво, позитивните мерки или мерки на позитивна дискриминација, кои првенствено се однесуваат на воспоставување еднаква застапеност на мажите и жените во јавниот и политичкиот живот и во тој правец се предвидуваат приоритети на соодветниот пол, сѐ до воспоставување еднакво учество на жените и мажите. Нееднакво учество постои кога застапеноста на кој било од половите е на ниво помало од 40 отсто.
Второ, мерки што предвидуваат различни активности што треба да ги поттикнат слободите и напорите за елиминирање еднаква застапеност, односно нееднаквиот третман.
Трето, подигањето на свеста со цел поттикнување, воведување и унапредување на принципот на еднакви можности на мажите и жените, што е од голема важност. Заради воведување на принципот на „еднакви можности“ за жените и мажите се предвидува обврска на органите на централната и локалната власт за активна соработка со работодавци, синдикатот, релевантни невладини организации и здруженија на граѓани.
Во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите, донесен е и Националниот план за акција за постигнување еднакви можности на жените и мажите. Тој претставува базичен документ и е симбиоза на сите најразновидни планирани и координирани мерки и активности што треба да бидат преземени и спроведени во разни области од општественото живеење во насока на воспоставување на принципот на еднакви можности.
За обезбедување транспарентност на целокупниот процес, законот предвидува обврска Владата да изготвува извештај за спроведување мерки и активности од планот за акција еднаш годишно и тој да биде достапен до јавноста.
Анализата на примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите, достапна на јавноста, и покрај големото значење, покажува дека сензибилноста кон ова прашање сѐ уште е на ниско ниво. Она што е сега потребно е воспоставувањето механизам за инкорпорирање на родовиот аспект во законите, програмите и проектите и на локално ниво.
Имајќи го предвид изложеното, со цел промоција и поттикнување на прашањето на „еднакви можности“ принципот на еднаквите можности се гледа во членот 21 од Законот за здруженија и фондации каде што е утврдено дека со здруженијата управуваат членовите непосредно преку избраните претставници во органите на здружението.

Ако во нашата држава постојат здруженија на граѓани што се борат за еднаквост на жените и мажите, тогаш неопходно е во Законот за пензионерско организирање (кој пред три-четири години е доставен до Министерството за труд и социјална политика) да се вгради и родовиот аспект, усогласувајќи го истиот тој со европските директиви.
И на крајот како додаток на сето ова:
Во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, по 78 години постоење, оваа 2024 година го дочекавме 8 Март со 12 претседателки од 53 здруженијана пензионери или во проценти 22 отсто, за разлика од пред 20 години кога имало само четири претседателки на здруженија или само 8 отсто. Притоа сите здруженија на кои претседателка е жена нижат успеси и резултати.
Зошто овие 12 претседателки се нафатиле да бидат на чело на едно здружение и покрај големата одговорност и потреба да се справат со повеќе предизвици? На сите главна мотивација да ја прифатат оваа функција им била да се зголемат активностите на секој план, да бидат опфатени што поголем број жени (да бидат вклучени и во донесување одлуки) и да се збогати пензионерскиот живот со нови активности и форми. Исто така, присутна била желбата да ја подигнат свеста за рамноправност меѓу жените и мажите, свеста за чување на здравјето и за примена на здрава исхрана на жените, но и на сите членови на оваа најмногубројна популација, како и заштита од семејно и друго насилство и друго. Во сите овие здруженија и во сојузот резултатите се видливи!

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија