Фото: Влада

Уставните измени се само една од одлуките што државата треба да ги донесе во делот на пристапувањето кон Европската унија за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Потоа следуваат реформата во правосудниот систем, реформата во обвинителниот систем, за кои исто така е потребно двотретинско мнозинство. Доколку која било политичка партија ја условува поддршката на овие реформи со избори, тоа значи дека пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

– Затоа упатувам апел до сите опозициони партии дека процесот на европски интеграции е надпартиски процес во кој сите треба да учествуваат, а политичката дебата може да се води на многу други теми и на тие други теми да се губат или освојуваат гласовите на граѓаните за кои било наредни редовни избори – нагласува Ковачевски.

Процесот на преговори, вели Ковачевски, не е процес на еден човек, на една Влада, на една политичка партија, туку е процес којшто ќе продолжи и во наредните години.

Коментирајќи го барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и нивниот став за уставните измени, Ковачевски со оценка дека во изминатите две години оваа партија ги блокира сите процеси и дека тоа го прави за да добие политички поени.

– Тоа е нивната политичка проценка. Доколку го погледнете носењето на законите во Собранието, изборот на уставни судии итн, тоа личи на се, освен на политичка дебата во Собрание. Јас лично сум дел од дебатите во Собранието, каде што освен лични квалификации, дури и за членови на семејство, не можете да чуете ништо подобро. Од друга страна, уште на почетокот на скринингот до ВМРО-ДПМНЕ беше упатено да дадат свои експерти кои ќе учествуваат во преговарачките тимови кои се организираат од страна на Секретеријатот за европски прашања предводени од вицепремиерот Маричиќ и така да бидат вклучени во процесот на преговори – вели Ковачевски.

Тој верува дека реконструкцијата на Владата, за која дебатира Собранието, ќе биде поддржана и дека парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е досега, за да се продолжи со реформите и со поефикасното спроведување и гласање на законите.

Владината реконструкција, според Ковачевски, не се прави за поединци и за раководни позиции, туку со цел кон Владата да се приклучи политичка партија која дели исти ставови со мнозинството во однос на европските интеграции на државата.

– Да не заборавиме и во минатото партијата Алијанса ги поддржуваше одлуките коишто се однесуваат на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Од друга страна, јас кажав и се уште кажувам дека вратата за сите политички партии коишто делат иста визија и коишто сакаат да бидат дел од спроведувањето на стратегијата за што побрзо зачленување на земјата во ЕУ е отворена. Меѓутоа, сепак сме демократско општество, има политички партии коишто имаат различно гледање на работите и секако дека на нив секогаш им постои можност да бидат или дел од владеачката коалиција или да бидат дел од опозиција – истакнува Ковачевски.

Дел од партиите, според Ковачевски, декларативно кажуваат дека се за ЕУ, но практично не поддржуваат ниту една одлука. Најдобар показател за тоа е гласањето за договорот на ФРОНТЕКС.

– На тоа гласање не беше ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Демократскиот сојуз. Тие може да имаат свои објаснувања – имало пауза, биле надвор, биле внатре. Меѓутоа паузата била и за тие што гласаа. А гласаа пратениците на СДСМ, на ДУИ, Алијансата и да не заборавам некоја од партиите кои ги застапуваат етничките заедници од турската, српската заедница итн – посочува Ковачевски во видео интервјуто на МИА дадено по завршувањето на Минхенската безбедносна конференција.