Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се анализира пресудата на Арбитражниот суд во Париз по што јавноста ќе биде информирана.

– Тоа е договорот од времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи прави соодветна информација и анализа за овој случај и штом таа биде готова, ќе биде  доставена до Владата и до медиумите – рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата во Куманово.

Претходно, на прес-конференција во Владата советникот за енергетика Виктор Андонов потврди дека пресудата е пристигната во Владата пред два-три дена и дека во тек е нејзина анализа.

– Адвокаткиот тим, кој е ангажиран од Владата и не застапува, а тоа е „Дехерт“ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе и предложат на Владата соодветни чекори што ќе се преземат во однос на објавувањето на пресудата – рече Андонов.

Со донесената пресуда, како што посочи тој, преполовен е износот на оштета што го барала грчката компанија.

– Вкупното оштетно побарување кон Република Северна Македонија заедно со каматите за периодот 2008-2011 година изнесуваат 42 милиони и 646 илјади евра. Согласно пресудата, оштетното побарување кое е пресудено од страна на Арбитражниот суд во Париз е за 50 проценти пониско од првичното барање, односно оштетното побарување пресудено од Судот изнесува 21 милион 478 илјади 799 евра, што значи дека нашиот адвокатски тим се изборил за преполовување на бараниот износ – рече Андонов.