Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски ја прими министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија, Ана Лирман и со зборовите за добредојде и за успешна работна посета на нашата земја, изрази задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер остварува средба со претставничка на Владата на земја којашто е докажан пријател на Македонија и искрен и силен поддржувач на европските интеграции на нашата земја.

На состанокот со министерката Ана Лирман, на кој присуствуваше и министерот Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски изрази благодарност што новоизбраната влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициона програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот.

Ковачевски на средбата истакна дека Македонија, како земја кандидат за членка на ЕУ е веќе сериозно интегрирана со главните политики на Брисел, особено во Зелената агенда која што беше еден од приоритетите на Берлинскиот процес и тоа токму за време на копретседавањето со процесот од страна на Бугарија и Македонија кога регионалната соработка го постигна највисокото ниво како еден од најважните приоритети на овој процес спонзориран од Берлин.

На средбата беше потцртана економската соработка со СР Германија, со која како земја од која доаѓаат најголемите инвестиции, во иднина посебно внимание ќе биде посветено на проекти од обновливи извори на енергија.

Ковачевски истакна дека на утрешната посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков гледа како на исчекор за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Софија во духот на добрососедските односи за да се деблокира постапката за утврдување датум за одржување на Меѓувладината конференција со ЕУ како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.