Според него, после две и пол години пандемија на ковид-19, нема место за дополнителен стрес!
Не постои никаква опасност за ширење на болеста мајмунски сипаници низ општата популација!
Зашто, досега стана јасно дека случаите првенствено се групирани меѓу мажи кои имаат секс со други мажи, (независно што секој може да го фати вирусот), вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски и додава дека не треба да владее општа паника дека сите ќе се заразат со мајмунските сипаници.
– Загрижени (не испаничени) треба да си бидат припадниците на таа категорија на граѓани. Зашто, апсолутно доминантен пат на пренос е сексуалниот. И најважен фактор на ризик е големиот број сексуални партнери. Оттаму, логично е, каде лежи решението! Значи, потребно е да се направи кампања за редукција на бројот на сексуални партнери! Аналогно како што беа кампањите за СИДА, кога драстично падна бројот на заразени. Но, тогаш главна мерка беше употреба на презервативите. Сега, тоа не помага, зашто преносот на мајмунските сипаници е со контакт кожа на кожа. А примарно место каде што се појавува исипот е кожата околу гениталиите и околу анусот. Од епидемиолошка гледна точка, тоа се препораките – заклучува Даниловски.
Според него, после две и пол години пандемија на ковид-19, нема место за дополнителен стрес!
– Заклучно со 31 јули, повеќе од 80 земји, каде што мајмуните сипаници не се ендемични, пријавиле избувнувања на вирусна болест, која Светската здравствена организација ја прогласи за глобална здравствена вонредна состојба, бидејќи потврдените случаи надминаа 27.800, а неендемичните земји ги пријавија своите први смртни случаи. Имаме ситуација и кај нас да имаме сомнителен случај. Тоа е објективната ситуација – објаснува д-р Даниловски.
Од Министерството за здравство денеска информираа дека засега нема потврден случај на мајмунски сипаници во земјава, туку само суспектен пациент пратен од кичевската болница кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање за мајмунски сипаници.
– Се организира епидемиолошки тим кој ќе спроведе епидемиолошка анкета. До овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај на мајмунски сипаници – посочуваат оттаму.